Лавров: Се надеваме дека нема да видиме обиди за „обоена револуција“ во Србија


Москва внимателно ја следи ситуацијата со протестите во Србија и изразува надеж дека немирите ќе се смират на уставен и законски начин, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
„Го следиме развојот и заинтересирани сме овие немири да се решат, како што истакна и претседателот на Србија, Александар Вучиќ – во рамки на уставот и законите на оваа пријателска држава“, рече Лавров пред новинарите.
Тој додаде дека Русија очекува западните земји да не се вмешуваат и да не ги користат протестите за свои геополитички цели.
„Се надеваме дека овојпат нема да видиме обиди за т.н. обоени револуции, како што често знаат да прават западните актери во други земји“, рече шефот на руската дипломатија.
Лавров потенцираше и дека е клучно демонстрантите да ги почитуваат српските закони, а ги поздрави и сигналите од српското раководство за отвореност кон дијалог.
„Доколку постои волја за разговор, тоа е единствениот вистински пат за надминување на секој внатрешен конфликт“, заклучи Лавров.
