Македонија

(Видео) Големи пожари кај Марвинци и Фурка – се бара и хеликоптерска поддршка

Два одделни пожари избувнаа денеска попладне во југоисточниот регион на државата – кај селата Марвинци (општина Валандово) и Фурка (општина Дојран), при што гори сува трева и ниска вегетација.

Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), кај селото Марвинци интервенира Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Валандово со едно противпожарно возило и двајца пожарникари. Пожарот засега се држи под контрола, но гаснењето е отежнато поради топлото време и ветерот.

Пожарот кај селото Фурка е поинтензивен и проширен, па на терен се ангажирани:

ТППЕ Гевгелија со едно возило и тројца пожарникари

Доброволното противпожарно друштво (ДППД) Дојран со едно возило и тројца пожарникари

Поради сложеноста на теренот и ризикот од проширување на огнот, ЦУК процесуираше итно барање до Министерството за внатрешни работи (МВР) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) за вклучување на хеликоптер за гаснење од воздух. Од МВР е потврдено дека ќе биде испратен хеликоптер за поддршка.

Надлежните апелираат до граѓаните да се воздржат од палење оган на отворено и веднаш да пријавуваат појава на пожар, поради зголемената опасност од ширење во ек на летната сезона.

На почеток