„Ние не сме полнети пиперки“ – бура реакции по навредливата изјава на Марта Кос


Изјавата на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, дадена во Скопје, каде што го спореди македонскиот идентитет со традиционални јадења како „тавче-гравче“, „погача“, „пинџур“ и „полнети пиперки“, предизвика остри реакции во македонската јавност. Наместо топла порака за културна припадност, нејзините зборови беа протолкувани како површно и навредливо сведување на националниот идентитет на гастрономија.
Димовски: Да беше ЕУ сериозна, ова ќе беше навреда
Поранешниот пратеник Илија Димовски реагираше со саркастичен тон:
„Паметен и досетлив сарказам беше дозволена политичка комуникација во време кога низ Европа имаше проникливи и ведри луѓе за лидери. Денес има се, освен тоа. Да беа сериозни во ЕУ, денешната изјава на Кос ќе требаше да ја сметаме за навреда“, напиша Илија Димовски.
Давидкови-Јанковиќ: Срамно е што нема протестна нота
Во остро фејсбук-реагирање, од од канцеларијата Давидкови-Јанковиќ порачаа:
„Срамна, недолична и безобразна беше изјавата на еврокомесарката Марта Кос. Не се идентификува овој народ со полнети пиперки и пинџур, ниту со ајвар , ниту со погача. Овој народ се идентификува со своите гени и корени кои се протегаат многу далеку и многу длабоко во историјата. Овој народ се идентификува со сета своја макотрпна борба за слобода, се идентификува по свој јазик и култура, со своите обичаи и гостопримство, кое вие очигледно ниту знаете да го цените , а ниту понешто за нас да научите. Нема да пишувам за генерации просветители но ќе ве потсетам на Кирил и Методиј, на Охридската архиепископија, на фреската од Курбиново која е постара од онаа во Рим. Срамно би било јас вас да ве идентификувам по компирот, јодловањето и кратките панталони, затоа и нема да го направам тоа, затоа што сме ние кроток и гостопримлив народ кој никогаш по туѓото не посегнал. Срам да им е на министерот за надворешни работи што нема протестна нота, срам да ви е на сите вас политичари што не доведовде до ваква состојба и положба, ние не сме полнети пиперки, многу многу повеќе сме од тоа“, напишаа од Давидкови-Јанковиќ.
Србов: Никој не ни ги оспорува рецептите, туку историјата
Политичкиот аналитичар Никола Србов од ВМРО-ДПМНЕ порача:
„Почитувана Кос, нашиот идентитет не се полнетите пиперки и тавче гравче, и никој не ни ги оспорува рецептите и кулинарските вештини. Нашиот идентитет е нашето минато, нашето општествено и политичко минато, и токму тоа некој ни го оспорува и сака да ни го промени“, напиша Никола Србов од ВМРО-ДПМНЕ.
Многуфина: Летна манџа за идентитет
Со силна доза иронија и општествена критика, инфлуенсерката и критичарка Ина Многуфина напиша:
„Како што разбрав нашиот идентитет е летна манџа. И манастирите, ок, ама тие малку опљачкани ни се, ајварот ни го земаа други, името го дадовме, јазикот глеам нешо се дешава таму, културата одвај ја држиме додека оди во турбо траш… значи пиперки ни останаа за летна манџа и останува уште да ја романтизираме сиромаштијата од типот “абе све ви сменија ама пиперките никој не може да ги пуни ко вие” и ние да викаме “да, да муце, може немавме многу ама бевме среќни со пиперките”. За идентитет не било битно име и јазик и фолклор туку тавче гравче и пунети пиперки ко да сме ресторан и аплицираме за Мишелин ѕвезда со Алачка за претседател“ напиша Ина Многуфина.
Туфегџиќ: Сакаат тивко да ни сервираат нов идентитет
Адвокатот Владимир Туфегџиќ изрази сомнеж дека вакви изјави не се случајни:
„Да не бидеме наивни, овакви политички гиганти од ЕУ очигледно имаат задача онака лагано али сигурно на тивка ватра, да не спремаат да ја прифатиме новата кафанска тавче гравче дефиниција за нашиот национален идентитет. Додуше, кога ќе размислам подобро, а можда на женава државава стварно и личи на кафана, онака од страна гледано“, напиша адвокатот Владимир Туфегџиќ.
Настапот на Кос, наместо да ја приближи Унијата до македонските граѓани, отвори стари рани и предизвика сериозен сомнеж дали ЕУ навистина ја разбира длабочината на борбата за македонскиот идентитет. Политичката порака – ако постоела – се изгуби во несреќната и, според многумина, понижувачка споредба.
