САД ја стопираат испораката на клучно оружје за Украина


САД привремено ја прекинаа испораката на дел од противвоздушните проектили и друга муниција за Украина, поради загриженост за сопствените залихи, јавуваат извори запознаени со одлуката.
Според два извора кои говореле за американските медиуми, одложувањето се однесува на дел од воената помош што ѝ беше ветена на Украина од претходната администрација на Џо Бајден. Меѓу засегнатите пратки се и пресретнувачки ракети наменети за соборување на руски дронови и проектили. Порталот Politico прв го објави извештајот во вторникот.
Пентагон соопшти дека претседателот Доналд Трамп и натаму има можности за продолжување на воената помош во согласност со целта за запирање на војната.
„Истовремено, Министерството темелно го преиспитува и прилагодува својот пристап за постигнување на таа цел, при тоа чувајќи ја подготвеноста на американските сили во согласност со одбранбените приоритети на администрацијата“, изјави Елбриџ Колби, заменик-министер за политика во Пентагон.
Во исто време, Русија продолжува со постепено напредување на фронтот, преземајќи нови територии во југоисточните региони Донецк и Дњипропетровск. Зголемени се и воздушните напади на различни делови од Украина.
САД веќе еднаш ја прекинаа испораката на воена помош – кратко во февруари, а потоа повторно подолгорочно во март. Последните пакети биле испорачани откако Трамповата администрација одобри продолжување на веќе договорената помош од времето на Бајден. Официјална потврда на новата политика сè уште нема.
