(Видео) „Ќе пумпам по секој меч на Вимблдон“, Ѓокогивќ го објасни потегот за кој зборува цела Србија


Новак Ѓоковиќ, по својата прва победа на годинешниот Вимблдон, направи карактеристична кореографија насред теренот – „пумпање“, со што повторно испрати симболична порака, но и отвори простор за толкувања.
Иако дел од јавноста го препозна политичкиот контекст, дека тоа е поддршка на студентскиот отпор во Србија, српскиот тенисер даде дипломатски одговор, нагласувајќи дека се работи за приватен момент со неговите деца.
„Тоа е меѓу мене и моите деца. Имаме две песни што ги слушаме во последно време. Разговаравме дека оваа кореографија би можела да биде соодветна прослава за секоја победа на Вимблдон. Така ќе славам и понатаму. Паралелата е симболична“, изјави Ѓоковиќ, насмеан од уво до уво.
Потоа објасни и за кои песни станува збор: „Едната е странска, ’денс’ хитот Pump It Up, а другата е Баци све са себе, каде во еден дел се пее: ‘пумпај, пумпај, зашто си стао’.“
Изјавата дојде по мечот и беше дадена на прес-конференцијата во Лондон, каде Ѓоковиќ уште еднаш потврди дека секоја негова гестикулација е внимателно избрана – било да е приватна, симболична или јавно разбрана.
Што значи „пумпај“ – и како овој израз стана лајтмотив на студентските протести во Србија?
Можеби на почетокот звучеше како шега или уште еден интернет-феномен без длабочина, но „пумпај“ брзо прерасна во препознатлив знак на отпор, порив за слобода и генерациски став – ПУМПАЈ!
Со секое скандирање, со секој транспарент на кој се појавуваше, овој израз ја напушташе територијата на баналноста и стануваше повеќе од збор – стануваше порака, гест, енергија на еден бунт.
„Пумпај“ си го најде патот до срцето на протестите, не само како слоган, туку како симбол на моменталната борба, несогласување, отпор. Го користеа студенти, пензионери, глумци, наставници, но и сите оние кои се чувствуваа изнемоштено, омаловажено или загрозено. Изразот – спонтан, а сепак совршено прецизен – создаде атмосфера која истовремено беше сериозна и разиграна. Но, како една фраза што порано ќе ја чуевме на свадба, во кафана или теретана, заврши на протестни маршеви, блокади на мостови и студентски барикади?
„Пумпај“ е всушност народска и поп-културна парола која преку сарказам и повторување го искажа чувството на неприфаќање, провокација, но и надеж. Стана начин да се каже сѐ – без да се каже експлицитно ништо.
Дали е ова само моментален тренд или во него се крие нешто подлабоко? Ако судиме според улиците во Белград, одговорот е јасен: „Пумпај“ не е само фраза – тоа е пулсот на еден отпор.
