„Цаци, готова си“ – Петровска пријави закани, ѝ застанал автомобил со охридски таблици од кој викале по неа


Доцна синоќа околу 23 часот, пред зградата каде што живее, пратеничката и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска доживеала непријатен инцидент. Автомобил со охридски регистарски таблички ѝ го пресретнал патот, а од внатрешноста на возилото била упатена вербална закана. Инцидентот го потврди и самата Петровска за „Слободен печат“.
– Зборовите што ми ги упати беа ,,Цаци, готова си“. Во станица посочив дека нападот доаѓа после пратеничко прашање кое го поставив минатата недела во врска со дете одземено од неговата мајка и доделено старателство на таткото, но моето прашање не беше за самата судска предуда туку за постапувањето на службеник од Центарот за социјални работи кој без да има таква одлука се обидел да го одземе детето од мајката и да го предаде на таткото. Причината поради која знам за ова е затоа што самата сведочев во два наврати дека детето не сакаше да се оддели од мајката, бидејќи таа живее кај мене на спрат, додаде Петровска.
На седницата за пратенички прашања, одржана пред пет дена, Петровска го постави ова прашање до Министерството за труд и социјална политика, демографија и млади, но одговор не доби бидејќи министерот и заменикот отсуствуваа.
