Свет

Најавена одмазда: Во руски ракетен напад убиен командант на украинска бригада – 30 ранети

Во руски ракетен напад врз селото Хуљајпоље во Днепропетровската област, убиен е командантот на украинската 110-та посебна механизирана бригада, Серхиј Захаревич, а уште 30 лица се ранети. Веста ја потврди претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Нападот се случил вчера рано наутро во реонот Камјански, каде се наоѓа и селото Хуљајпоље – предвоено населено со околу 1200 жители, лоцирано на западниот раб од областа, околу 70 километри од линијата на фронтот.

„Секако дека ќе одговориме на Русите за овој напад“, изјави Зеленски, додавајќи дека е во тек истрага и дека очекува извештај од военото раководство.

Серхиј Захаревич дипломирал на Институтот за копнени сили во Одеса. Во февруари годинава бил назначен за командант на 110-та бригада, а претходно бил заменик-командант на 33-та механизирана бригада. Учествувал во бројни борбени мисии и важеше за припадник на новата генерација украински офицери – формирани во воени услови, ценети по храброст и воено лидерство.

„Армијата изгуби уште еден претставник на генерацијата што израсна во војна и стана симбол на храброст и посветеност“, соопшти Главниот штаб на украинската армија.

На почеток