Македонија

СДСМ со жестоки критики за ребалансот на Буџетот: Власта крати пари од граѓаните за да се луксузира

СДСМ обвинува дека предложениот ребаланс на Буџетот е показател за, како што велат, целосен економски неуспех на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, наместо подобрување на состојбите, овој ребаланс ги открива вистинските приоритети на власта – луксуз и расипништво на грбот на граѓаните.
„Овој ребаланс ја разоткрива вистината – дека економијата тоне, граѓаните се оставени сами на себе, а власта продолжува да се луксузира додека ги задолжува идните генерации“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Според партијата, во ребалансот нема средства за зголемување на платите во здравството и образованието, ниту за социјална поддршка, а изостанува и финансиска помош за семејствата настрадани во Кочани.
„Со овој ребаланс нема пари за соодветно и заслужено покачување на платите на работниците, за поголеми плати во образованието, здравството. Нема пари за повредените и семејствата на настраданите во Кочани. Нема пари за нови мерки за заштита на стандардот на граѓаните, за намалување на цените. Граѓаните се оставени сами на себе.“
СДСМ обвинува дека власта ги намалува субвенциите и социјалните трансфери за 30 милиони евра, што директно ќе ги погоди земјоделците, работниците и ранливите категории. Истовремено, се зголемуваат трошоците за стоки и услуги на Владата – што партијата го оценува како расипничко трошење за „папаја, манго, приватни авиони и скапи авантури“.
„Ова е срамно понижување. Владата избра да го штити својот луксуз, а не стандардот на народот.“
Дополнително, СДСМ предупредува дека Владата ќе повлече 70 милиони евра од профитите на јавните претпријатија, што, според нив, ќе значи удар врз нивниот развој, врз економијата и услугите што ги нудат.
„За Фондот за ПИОМ власта одвојува дополнителни 35 милиони евра. Ова значи дека придонесите не се наплаќаат доволно, дека дупката во Фондот за пензиско се зголемува. Ако вака се продолжи, идните пензии се доведуваат во прашање.“
СДСМ посочува и дека до мај се реализирани само 22% од планираните капитални расходи – што е за 14% помалку во споредба со истиот период лани, година која, како што потсетуваат, актуелната власт самата ја нарекуваше „катастрофа“.
„Со овој тренд не може да се исполни ни половина од тоа што се проектира. Празни ветувања, без реална имплементација.“
Во делот за растот, СДСМ критикува дека Владата се фали со 3% економски раст, иако сами проектирале 3,7%. „Тоа е ползење, не развој“, велат од партијата, потсетувајќи дека во 2021 година, растот изнесувал 4,5%.
Истовремено, предупредуваат и дека во 2024 година јавниот долг е зголемен за 1,1 милијарда евра, што ја доведува државата до рекордни 62,4% долг од БДП.
„Во ребалансот ги нема 7 милијарди евра од Британија. Тоа значи дека нема договор за изворите на парите, не се знае каматата, не се знае ништо. Како тогаш се лицитира со проекти ако нема извори на финансирање и камати?“
Поради сите овие причини, СДСМ поднесе вкупно 160 амандмани, со цел – како што наведуваат – да се поправат грешките во ребалансот. „Денеска објавуваме дел од нив“, се наведува во соопштението:
„– 934 милиони денари за финансиска поддршка за семејствата на загинатите и повредените во Кочани
– 60 милиони денари за реновирање на болницата во Кочани и 20 милиони за нова опрема во болницата во Кочани
– Апарати за магнетни резонанци, 20 дефибрилатори, 10 вентилатори, 50 кислородни боци, инсулински боци, за здравството и брзата помош
– Зголемување на студентски стипендии и поддршка за студенти од ранливи семејства
– Бесплатен превоз за ученици во руралните средини
– 10% зголемување на платите на наставници во основно и средно образование
– Пари за колекторски систем во Дојран, Дом за стари лица во Штип, откупен центар за земјоделски производи во Охрид, Жичарница на Пелистер, поликлиника во Кисела Вода, градинка во Крњево
– Повеќе пари за реконструкција на училишта, градинки, патишта, канализации, водоводи низ различни општини во државата, за Сојузот на борци од НОБ.“
„Ова се реални и одговорни предлози за кои има простор во буџетот, но треба да се намали луксузирањето и расипништвото на власта“, нагласуваат од СДСМ.
На крај, партијата упати апел до сите пратеници да ја поддржат иницијативата, независно од партиската припадност:
„Ова не е момент за партиска калкулација, туку за солидарност, одговорност и праведност. Време е за економија која им помага на граѓаните, на земјоделците, работниците, наставниците, лекарите, на повредените и семејствата од Кочани. Македонија заслужува повеќе! Не за луксузирање на власта, ДА за повеќе пари кај народот и конечно поддршка за Кочани“, порачуваат од СДСМ.

На почеток