Ковачев потврди: „Нема место за идентитетот и за јазикот во извештајот за напредокот на Северна Македонија“


Трите најголеми политички групи во Европскиот парламент се усогласиле околу предлогот од извештајот за напредокот на Северна Македонија да се отстранат термините „македонски јазик“ и „македонски идентитет“, потврди бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, по написите во бугарските медиуми.
Според него, на иницијатива на Европската народна партија (ЕНП), групите на Социјалдемократите (С&Д) и Обнови ја Европа (Либералите) ја дале својата согласност за ваквиот амандман. Одлуката е донесена синоќа, а се очекува да биде изгласана и на претстојната пленарна седница на Европскиот парламент следната недела.
Ковачев изјави дека темите поврзани со идентитетот и јазикот не припаѓаат во извештаи за пристапување на држави во Европската Унија, бидејќи, како што рече, тие можат да предизвикаат поделби и да отворат „Пандорина кутија“.
Тој ја обвини Владата во Скопје дека, пред локалните избори, има намера да ја прикаже ситуацијата како „триумф над источниот сосед“. Ковачев нагласи дека Северна Македонија треба да го почитува договорот со Бугарија и да овозможи продолжување на работата на Заедничката историска комисија, бидејќи, според него, токму таму треба да се водат разговорите за заедничкото минато, во согласност со договореното.
Во својата изјава тој се заблагодари на сите европратеници кои ја поддржале оваа позиција, со посебен акцент на колегите од Бугарија.
