Костовски: Димитриевски бил тројански коњ и уценет играч на власта


Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски, со свој став по вчерашното отвфрлање на обвинението против Максим Димитриевски. Вели дека актуелниот прв човек на Куманово не само што бил тројански коњ за раскол во партијата, туку бил и уценет играч на власта.
„Пет дена пред завршните зборови – обвинението против Максим Димитриевски исчезна. Готово, не важи, исчезнале доказите.
Борецот за правда “коректорот” Димитриевски конечно се избори за правда, ама борбата била да ја закопа правдата и да не одговара.
Ова е црн ден за правдата и обвинителството, но и ден кој фрли светлина на вистината за политичкото делување на Димитриевски.
Димитриевски не само што бил тројански коњ за поделба на СДСМ, туку очигледно бил и уценет со кривично дело за кое морал да одработува. Овој правен преседан само потврдува дека со оваа власт на Мицкоски и неговиот пион Димитриевски правда нема да има. Ќе има правда за оние кои тие сакаат да има, за нив и нивните не.
Затоа Димитриевски всушност бил комотен во криминалот, затоа што бил и заштитен и уценет. Затоа веројатно се заканува со тужби кога се откриваат неговите криминални продажби на земјиште и станови.
Кумановци веќе го препознаа лажното лице на Димитриевски. Зад празната реторика и чукањето во гради нема ништо друго освен лични интереси и уништување на системот. Системот кој ветија дека ќе го менуваат самите го уништуваат.
И за ова, сметката ќе дојде на избори“, вели тој.
