Македонија

„За македонскиот јазик, Преспанскиот договор е силно оружје, искористете го!“ Никола Димитров дава предлог како да се реши спорот со Бугарија за јазикот и идентитетот

Еден од потписниците на Преспанскиот договор, Никола Димитров, со кој се реши 27 годишниот спор со соседна Грција дава предлог и за решавање на проблемот со Бугарија за македонскиот јазик и идентитет. Во објава на Фејсбук, Димитров пишува дека Преспанскиот договор е силно оружје и треба да се искористи

Ме фрапира изедначувањето на нерешението на проблемот со Бугарија со решението на спорот со Грција.
Во пакетот што го прифати претходната влада, “брилијантниот успех” што бескрајно ни го искомплицира патот до членството во ЕУ вметнувајќи нерешен идентитетски спор во пристапниот процес, е и официјалната изјава на Софија дека македонскиот јазик е сиромашен дијалект на бугарскиот јазик што таа не го признава како посебен јазик.
Црно на бело, доставен во Брисел.

Сега повторно реактуелизирана преку бугарските европратеници во дебатата во Европскиот парламент.
Единствениот меѓународен компромис, со огромна тежина, каде македонскиот јазик навистина е чист, признат и апсолутно неспорен, Преспанскиот договор ние не само што не го користиме, туку и го напаѓаме.
Меѓу другото, македонскиот јазик е во преговарачката рамка со ЕУ, токму како резултат на Преспанскиот договор.
Ја читам претседателката на државата, како вели дека Бугарија била инспирирана од Преспанскиот договор за ветото, во смисла дека ѝ се отвориле апетити, без воопшто да се сети дека “инспирацијата” може да биде и фрустрација, оти токму таму – македонскиот јазик е афирмиран, нешто што веројатно ако е чесна, ќе си признае дека не било баш едноставно да се обезбеди на светска сцена, како што се тврди дома по митинзи или амфитеатри.

Тој спор, кој прво беше на ниво на ООН, врз основа на резолуција на Советот за безбедност од 1993, ние го затворивме како Македонци со македонски јазик. Спорот со Бугарија – апсолутно не. Ниту спорот е решен, ниту Софија стави потпис на македонскиот јазик, туку се издвои од останатите членки на ЕУ со своја крајно навредлива изјава на ниво на говор на омраза.
И таа е суштинската разлика!
И затоа не може ниту заедно да ги напаѓате и Преспанскиот договор и таканаречениот Француски предлог, со клучни елементи зготвени во Скопје и Софија, ниту заедно да ги браните – тие се спротивност!

Понатаму, претседателката има една суштинска невистина или недозволива грешка во своето излагање.
Таа тврди дека НАТО било важно и ни требало, таа го поддржува членството и добро ќе било да сме направеле компромис за НАТО, ама со Преспанскиот договор сме се фокусирале само на ЕУ, толку што дури и во референдумското прашање не било НАТО ниту спомнато.
Напротив, во прашањето се разбира се и НАТО и ЕУ.

Уште повеќе, ратификацијата на пристапниот протокол за нашето членство во НАТО во грчкиот парламент беше услов за влегување во сила на Преспанскиот договор.
Тоа на што претседателката е горда, тоа што вели цитирам – “во ваква безбедносна ситуација НАТО е многу важен за нас”, е тоа НАТО е овде и ние сме таму само и само поради Договорот што не се умее или не се сака да се искористи во наша полза.

Единствениот услов за членство во НАТО од Самитот во Букурешт во 2008 наваму, беше решение за спорот околу името.
Дали претседателката навистина, ама навистина смета дека е мудро и логично токму деновиве да се напаѓа меѓународен договор, каде недвосмислено се потврдува македонскиот јазик!?“, напиша тој.

На почеток