Наместо во строгото КПУ Идризово, судија пратил осуденик во Гевгелија, сега му се суди нему


Судија од Основниот суд во Кавадарци се соочува со обвинение за несовесно постапување, откако со своите одлуки свесно овозможил осудено лице да ја избегне издршката на затворската казна речиси цела година. Обвинението го поднесе Основното јавно обвинителство Велес.
Како што информираат од Обвинителството, станува збор за судија за извршување санкции, кој во текот на 2024 година намерно постапувал спротивно на законот во предмет што се однесува на извршување казна затвор од 3 години и 8 месеци. Казната била изречена со правосилна пресуда на Основниот суд во Гевгелија, а осудениот требало да биде упатен во КПУ Идризово – Скопје, со оглед на висината на изречената казна.
Сепак, судијата, иако навреме ја примил пресудата – на 5 април 2024 година, не постапил во законскиот рок и дури по доцнење го изготвил упатниот акт, со кој осуденото лице било погрешно насочено кон затворот во Гевгелија. Оттаму било вратено известување дека установата нема надлежност за ваква казна.
Наместо веднаш да го коригира пропустот и да го упати лицето во соодветната установа, судијата продолжил со одолговлекување – пробивајќи ги роковите при секоја наредна одлука во предметот.
Дури на 4 јуни 2024 година добил известување дека осудениот не се појавил во КПУ Идризово. Иако бил обврзан да издаде наредба до полицијата во рок од 24 часа за приведување, тој го направил тоа дури на 7 јуни. Централна потерница била распишана, по што осуденото лице било пронајдено и лишено од слобода.
Казната започнал да ја издржува дури на 11 март 2025 година – скоро една година подоцна од првично предвидениот термин во април 2024 година.
Сега судијата се соочува со обвинение за несовесно вршење на службата, при што, според Обвинителството, неговите дејствија биле свесни и со намера да му обезбедат поволности на осуденото лице.
