Македонија

Вештачењата за Онкологија и трагедијата во Кочани се завршени, Коцевски очекува обвинение за полициските службеници за пожарот во „Пулс“ околу септември

Вештачењата за случаите поврзани со Онкологија и со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се веќе комплетирани, информираше денеска државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

Во изјава дадена по седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет, на која се расправаше за ребалансот на Буџетот, Коцевски нагласи дека овие вештачења претставуваат значаен финансиски товар за обвинителството, со оглед на тоа што биле изработени во странство.

– Сите вештачења кои се однесуваат на случајот во Кочани и на Онкологија се веќе завршени. За Онкологија, според моите информации, веќе е закажана главна расправа. Но, овие вештачења носат сериозни трошоци бидејќи се правени надвор од државата – изјави Коцевски.
Во однос на предметот за пожарот во дискотеката „Пулс“, кој по одлука на Врховниот суд е препратен за оценка до Основниот кривичен суд Скопје, Коцевски очекува обвинение за полициските службеници осомничени за пожарот во „Пулс“ околу септември.

-Таму предметот е се уште во истрага, со оглед дека нема притвор, има и законски рок за истрагата. Така да, се надеваме негде таму околу, да не дадам сега конкретни датуми, меѓутоа сигурно околу септември ќе се заврши истрагата, и тој предмет ќе се води во ОЈО за организиран криминал, со оглед дека тука нема проблем, надлежно ќе биде Кривичниот основен суд Скопје – рече Коцевски.

На почеток