Возачот кој го усмрти скопјанецот на кеј, немал ниту возачка дозвола: станува збор за лице со криминално досие


Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против 25-годишен скопјанец, кој на 1 јули управувал мотоцикл и со тоа предизвикал сообраќајна несреќа на кејот на Вардар, при што смртно настрада пешакот Југослав Николовски.
Осомничениот се товари за кривични дела „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и „Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“, бидејќи со мотоцикл без табличка возел по пешачка патека кај улицата „Јован Хаџи Константинов – Џинот“, не поседувал возачка дозвола и не ја приспособил брзината, иако бил свесен дека може да предизвика последици.
Со левата страна од моторот удрил во телото на Николовски, кој се движел по патеката. Од ударот пешакот се здобил со тешки повреди и починал следниот ден, додека сопатникот на моторот бил полесно повреден. Наместо да помогне, возачот го оставил моторот и ги напуштил повредените, бегајќи пеш од местото.
Според обвинителството, осомничениот извесен период бил недостапен за органите на прогонот, а дополнително се работи за лице со криминално досие, што упатува на сериозна опасност од бегство и повторување на делото.
Поради сето тоа, јавниот обвинител побара притвор за осомничениот. Очекувањата се дека судот ќе одлучи во најкус можен рок.
