Македонија

Четири активни пожари – ЦУК апелира за внимателност поради високите температури

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека до 13 часот денеска, 5 јули, на територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои четири сè уште се активни, а четири се успешно изгаснати.

Моментално активни се следните пожари:

Во селото Бешиште, општина Прилеп, каде гори приземен пожар во квалитетна мешана шума.

Во с. Црешнево, м.в. Церо Поле, општина Македонски Брод, каде гори деградирана дабова шума и грмушки.

Во општина Чашка, под Солунска Глава, помеѓу местата Изворите на Бабуна и Бабина Дупка – каде моментално нема активен пламен, но се забележува чад на карпест терен.

Во општина Велес, каде гори ниска вегетација.

Во исто време, изгаснати се следните пожари:

Во с. Врањовци, општина Врапчиште, каде гореше ниска вегетација и ѓубриште.

Во с. Лојане, општина Липково, каде беа зафатени ниска вегетација и стрниште.

Во с. Радање, општина Карбинци, каде пожарот опфатил житни насади и ниска вегетација.

Во с. Орланци, општина Арачиново, каде гореше ниска вегетација и отпаден материјал.

Од ЦУК апелираат до граѓаните за максимална претпазливост и одговорно однесување во природа, особено во услови на високи температури, кои го зголемуваат ризикот од појава и ширење на пожари. Надлежните служби остануваат на терен и ги следат сите потенцијално критични точки низ државата.

На почеток