(Видео) Трамп: „Ќе се погрижиме за нив“ – бројот на жртви од поплавите во Тексас се искачи на 50, исчезнати десетици деца


Бројот на загинати од катастрофалните поплави што го зафатија Тексас во саботата навечер се искачи на најмалку 50 лица, додека потрагата по десетици исчезнати деца продолжува, соопштија локалните власти.
Најтешко погоден е округот Кер, каде што животите ги загубиле 43 лица, а дополнителни седум жртви се потврдени во три други окрузи, пренесува AFP. Силен пороен дожд во петокот предизвикал надојдени води од реката Гвадалупе, кои го зафатија поширокиот регион.
Особено трагична е ситуацијата во летниот камп Camp Mystic, каде 27 девојчиња сè уште се водат како исчезнати. Градскиот управител на Кервил, Далтон Рајс, изјави дека бројот на исчезнати може да биде и поголем.
Властите информираат дека најмалку 237 луѓе се спасени, од кои над 100 со хеликоптер, додека водата почнува да се повлекува.
На новинарско прашање околу федералната помош, претседателот Доналд Трамп кратко изјави: „Ќе се погрижиме за нив“, без да навлезе во детали.
Поплавите се сметаат за една од најсмртоносните природни катастрофи во поновата историја на Тексас, а надлежните служби и понатаму се на терен во обид да ги најдат исчезнатите и да обезбедат поддршка за погодените семејства.
