Орце Ѓорѓиевски е кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје


Орце Ѓорѓиевски е кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје. Ова е одлуката на Извршниот комитет, а по предлог на претседателот на партијата, Христијан Мицкоски.
„Тој води убедливо, дури петпати, споредбено со решенијата на СДСМ. Тој со својата максимална посветеност, покажа и докажа дека умее и сака да работи за граѓаните. Од она што јас можам да го кажам за Орце, знам дека е исклучително мотивиран да победи и да победува секој ден за Скопје и скопјани. Тој е достапен и отворен, кој решава проблеми, по четири години девастирање на Градот. Кога сме кај Градот, ги научивме сите лекции, за да не згрешиме при одлука за прв човек на Градот. Тој ќе има задача да го врати на скопјани“, рече Мицкоски.
Ѓорѓиевски, кој е актуелен градоначалник на општина Кисела Вода, важи за еден од најблиските соработници на Мицкоски и дел од новата генерација на функционери во ВМРО-ДПМНЕ. Тој не ги криеше амбициите да биде кандидат за Скопје. На партиските анкети беа и имињата на министерот за локална самоуправа Златко Перински, како и ексградоначалникот Коце Трајановски, заедно со градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стевковски. Ѓорѓиевски имал најголема поддршка.
Кандидатот Ѓорѓиевски, веќе најави дека „најдоброто допрва доаѓа“.
Кандидатурата доаѓа во време на зголемени тензии во градскиот Совет, каде ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство, а со градот раководи Данела Арсовска која иако победи со помош на владејачката партија, сепак продолжи сама во дејствувањето.
