Се уште непотврдени, но многу сериозни најави велат дека Општина Чаир ќе биде епицентар на албанскиот политички судир на претстојните локални избори. Според неофицијални информации, се подготвува директна изборна пресметка помеѓу Бујар Османи (ДУИ) и Изет Меџити (ВЛЕН)
Кандидатурата на Бујар Османи веќе е потврдена, а со себе носи партиска поддршка, дипломатски капитал и искуство на високи државни функции, последно како министер за надворешни работи. За разлика од него, Изет Меџити сè уште не ја потврдил официјално својата кандидатура, но внатрепартиските извори велат дека одлуката е речиси донесена. Ако настапи, ќе значи враќање на теренот каде што тој остави силен локален белег – како поранешен градоначалник и моментален прв заменик премиер.
Изборната трка во Чаир би можела да прерасне во најава на поширока пресметка за влијанието во албанскиот политички блок, особено по последните тензии и поделби меѓу ДУИ и ВЛЕН. Два силни табора, со изразена инфраструктура и мобилизирана база, ќе се борат за довербата на граѓаните.
Чаир не е само локална битка – туку показател за пошироката политичка матрица во земјава. Очекувањата се дека оваа трка ќе биде една од најжестоките и најнабљудуваните на локалните избори 2025.