Министерот без ресор, Шабан Салиу, денеска изјави дека не чувствува вина и дека треба да се почитува презумпцијата на невиност додека не биде донесена судска одлука. Тој одговараше на новинарски прашања поврзани со истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која и тој е опфатен.
„Сè додека не бидам осуден, не сум виновен. Не чувствувам никаква вина и треба да оставиме судовите да донесат одлука и да ја водат постапката“, изјави Салиу пред почетокот на одбележувањето на Меморијалниот ден на Ромскиот Холокауст – 2 Август.
Запрашан што мислел кога рекол дека новинарите „водат судска постапка“, Салиу рече дека не е фер и не е коректно новинари да сликаат таблички на неговото службено возило додека се движел кон судот.
„Не бев на одмор, не бев никаде, напротив – во рамките на моите должности го извршив и тоа, се пријавив“, нагласи тој.
Во врска со прашањето зошто со службено возило отишол во судот, Салиу одговори дека од 8 до 17 часот е на работа и дека не излегол од државата, туку бил во судот.