Вчеравечер во повеќе од 30 градови низ Србија се одржаа антивладини протести под слоганот „Србијо, разбуди се“, иницирани од студентските блокади на високошколските институции. Демонстрациите беа организирани како реакција на завчерашните инциденти во Врбас и Бачка Паланка, каде поддржувачи на Српската напредна странка (СНС) нападнаа граѓани со пиротехнички средства, камења и метални шипки.
Најголеми тензии беа забележани во Нови Сад и Белград. Во Нови Сад, околу 21 часот, пред просториите на СНС дојде до жестока ескалација, при што поддржувачите на партијата фрлаа пиротехнички средства, шишиња и камења кон демонстрантите. Следуваше возвратен одговор, а во судирите беа искршени прозорци на седиштето на СНС. Министерството за внатрешни работи соопшти дека еден полицаец е повреден, а кордони беа поставени за да ги разделат завојуваните групи.
Во Белград, судирите се одвиваа пред зградата на парламентот, каде се соочија демонстранти и поддржувачи на власта. Претседателот Александар Вучиќ се појави на местото, познато како „Чациленд“, каде поддржувачите на СНС со месеци кампуваат. Полицијата интервенираше, а директорот на полицијата Драган Васиљевиќ за РТС изјави дека не била употребена прекумерна сила.
Протестите се проширија и во Ниш, Крагуевац, Чачак, Суботица, Сомбор, Ужице, Лесковац и други градови. Студентските организации ги повикаа граѓаните да се собираат пред просториите на СНС и полициските управи. Во Чачак и Смедерево имало тензии, но без поголеми инциденти.
Според извештаите, во Врбас за време на синоќешните судири биле повредени речиси 70 лица, меѓу кои 16 полицајци, што дополнително ги поттикна денешните демонстрации. Опозициските партии и Движењето за обнова ги опишаа настаните како „увод во граѓанска војна“.
По средбата со европскиот функционер Штокер, Вучиќ изјави дека Србија девет месеци се соочува со насилни протести и најави можност за предвремени избори. Министерството за внатрешни работи апелираше за смирување на тензиите, додека студентите и демонстрантите продолжуваат да бараат оставки и политички промени.