Ситуацијата во Србија синоќа достигна ново ниво на тензии, со масовни демонстрации во повеќе градови и жестоки судири во Нови Сад и Белград. Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека во просториите на СНС во Нови Сад се повредени 64 поддржувачи на владејачката партија и 16 полицајци, од кои двајца потешко, нагласувајќи дека „нема да има милост за оние што тепаат и се закануваат“ и дека „нема да има граѓанска војна“.
„Вечерва е тешка вечер за граѓаните на Србија… Доживеавме дека некои мислеа дека буквално можат да убиваат луѓе и дека ќе им биде дозволено да го сторат тоа. Нема да им биде дозволено, ќе бидат строго казнети, ќе бидат строго и силно санкционирани. Ќе ја спречиме секоја нивна желба да нè водат кон граѓански конфликти и да ја загрозат безбедноста и мирот на нашата земја“, изјави Вучиќ на прес-конференција во седиштето на МВР во Белград околу полноќ.
Тој рече дека во Нови Сад имало „1.065 демонстранти“ кои наизменично ги напаѓале предните и задните делови од просториите на СНС, а во Белград 3.084 луѓе на сите локации каде, според него, „ја нападнале полицијата и граѓаните кои размислуваат поинаку“.
На снимки од социјалните мрежи и локални телевизии се гледаат маскирани мажи со шипки како напаѓаат граѓани. Вучиќ, меѓутоа, не спомена напади иницирани од поддржувачи на СНС, иако сведоштва и видеа од претходната вечер во Врбас и Бачка Паланка покажуваат дека симпатизери на владејачката партија фрлале факели, камења и шишиња кон демонстрантите, што предизвикало судири.
„Не ни помисливме да ја извадиме војската и нема потреба. Нема да има граѓанска војна. Ги поканувам да седнат и да разговараат“, порача Вучиќ.
Демонстрациите, кои траат од 1 ноември 2024 година по трагичниот колапс на бетонска настрешница на железничката станица во Нови Сад при што загинаа 16 лица, продолжуваат како протест против корупцијата и политичката состојба во земјата. Синоќа, полицијата во Белград употреби солзавец за растерување на групи антивладини демонстранти, а засега нема информации за повредени меѓу нив.