Украинскиот претседател Володимир Зеленски го одби повикот на рускиот лидер Владимир Путин за преговори во Москва, предлагајќи наместо тоа рускиот претседател да дојде во Киев. Во интервју за ABC News, Зеленски истакна дека не може да патува во главниот град на земја која секојдневно ја напаѓа Украина.
„Тој може да дојде во Киев… Јас не можам да одам во Москва додека мојата земја секој ден е под руски напади. Не можам да одам во главниот град на овој терорист. И Путин тоа го разбира“, изјави Зеленски.
Тој додаде дека понудата на Путин ја гледа како обид за одложување на вистински состанок.
„Ако некој не сака да се сретне за време на војна, тогаш предлага нешто што мене или на другите не може да им биде прифатливо“, нагласи украинскиот претседател.
Потсетуваме, Путин претходно изјави дека нема намера да патува надвор од Русија за средба со Зеленски, но дека е подготвен да разговара во Москва. Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха веќе го оцени овој предлог како „неприфатлив“.