Свет

„Порше“ се откажува од дизел мотори

Како прв германски производител на автомобили, „Порше“ го напушта производството на возила со дизел мотор, беше соопштено денеска во Штутгарт.

„За ‘Порше’, кој е познат како производител на спортски автомобили, дизел моторите отсекогаш играле споредна улога и затоа ние одлучивме дека во иднина повеќе нема да произведуваме автомобили со таков погон“, се наведува во соопштението од Управниот одбор на германскиот производител.

Компанијата, која е дел од групацијата „Фолксваген“, објави дека во иднина ќе се фокусира на сегментот што е специјалност на „Порше“.

„Ќе се работи на моќни бензински мотори, хибриди, а од следната година и на електрични автомобили“, изјави за весникот „Билд ам Сонтаг“ претседателот на Управниот одбор, Оливер Блуме.

Тој појасни дека „Порше“ никогаш не развивал дизел мотори, но и покрај тоа производителот претрпел штети по скандалот предизвикан поради манипулирање со вредностите на издувните гасови.

„Дизелската криза предизвика многу проблеми“, рече Блуме. Сите возачи на порше модели со дизел мотори можат да бидат мирни и не треба да се грижат бидејќи и натаму ќе се спроведува сервис за ваквите мотори, додаде тој.

„Порше“ ја објави одлуката дека се откажува од дизел погонот истиот ден кога беше најавен и т.н. дизел самит во канцеларијата на Ангела Меркел, на кој политичарите и автомобилските компании треба да одлучат како да ја спречат забраната за дизел мотори во германските градови

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток