Специјалното обвинителство, освен прислушуваните разговори, нема други докази кои укажуваат дека дел од судиите носеле одлуки по директен политички диктат на ВМРО – ДПМНЕ. Преку „бомбите“ и СМС пораките СЈО утврдило дека судиите Јово Вангеловски, Светлана Костова, Софија Лаличиќ и поранешната претседателка на Судскиот совет, Александра Зафировска покажале дека тие биле на „жешка линија“ со високи преставници на претходната власт. Но, специјалната обвинителка Катица Јанева за Алсат посочи дека нема основ СЈО кривично да ги гони.
Сметам дека во самите разговори има повеќе нарушување на моралниот кредибилитет на судиите, а дека кривично правна одговорност нема и во тој дел не прибавуваме ние посебни докази, зошто сметавме дека роковите за тоа се поминати“, вели Јанева.
Јанева во интервјуто за Алсат М објасни дека мета на нелегално прислушување биле судијките Софија Лаличиќ и Светлана Костова. Актуелниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски и поранешната шефица на Судскиот совет, Александра Зафировска не биле таргет. Тие биле снимени кога разговарале со најистакнатите функционери во владата на ВМРО – ДПМНЕ.
Јас сметам дека треба да понесат морална одговорност, но тоа го оставаме на нив“, вели Јанева.
Специјалното обвинителство посебниот извештај наменет за четворицата судии го објави пред десет дена. Наведе дека судиите Вангеловски, Костова, Лаличиќ и Зафировска интервенирале во судски одлуки по налог на ВМРО. Во документот СЈО наведе дека тогашниот претседател на Судскиот совет, премиерот, министрите за правда и внатрешни работи како и директорот на тајната полиција Мијалков, одлучувале кој судија да биде избран, а кој разрешен. Оделе до таму што по партиски список ги вработувале и стручните соработници, но интервенирале и преку судии во постапките.