На 25 ноември 1939 година во градчето Самобор, во непосредна близина на Загреб во Хрватска, во печатницата на Драгутин Шпулер, излегла од печат збирката песни „Бели мугри“ од македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин.
Таа е трета стихозбирка објавена на македонски јазик по стихозбирките на Венко Марковски „Народни бигори“ и „Огинот“, во 1938 година.
„Бели мугри“ претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература, составена од 12 песни напишани на велешки дијалект во кои доминираат социјалните и револуционерните теми. Насловот е симболичен – означува ново утро, нов почеток кој бил посакуван од работниците, аргатите, експлоатираните луѓе, а создадена е под влијание на народната поезија, како и на „Зборникот“ на браќата Миладиновци. Нема кој не ги слушнал стиховите на „Денови“, „Ленка“, „Тутуноберачите“, „Копачите“, „На Струга дуќан да имам“…
Познавачите на делото на Рацин посочуваат дека заслужен за издавањето на „Бели Мугри“ е познатиот хрватски и југословенски писател Мирослав Крлежа кој го поддржал излегувањето од печат на стихозбирката која не можела да се издаде во Македонија бидејќи во тоа време таа била во рамки на Кралството Југославија. Поради опасноста да се дознае идентитетот на авторот Коста Солев, тој ја објавува под псевдонимот „К. Рацин“, кој го зел заради неговата сакана Рахилка Фирфова – Раца.
Кочо Рацин или целосно Koста Апостолов Солев Рацин (Велес, 22 декември 1908 – Лопушник, 13 јуни 1943) — македонски книжевен деец и комунистички активист, најпознат по својата поезија. Се смета за еден од основоположниците на современата македонска литература, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ (Загреб, 1939) претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература. Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза, а напишал и неколку значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и литературната критика.
Прекарот Рацин доаѓа од неговата сакана Рахилка Фирфова – Раца. Рацин кратко време користел и друг псевдоним, Невен Пејко, кој го зеде од неговата втора љубов – Невенка Вуиќ.
Сè уште не се разјаснети сите подробности околу неговата смрт, поради што постојат сомневања дека бил убиен.
фото:МАНУ