Техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, која ја извршува оваа функција врз основа на нејзината заклетва дека ќе го почитува Уставот и законите на Република Северна Македонија, отстранувајќи ја официјалната табла на Министерството со уставното име на државата, флагрантно го прекрши токму Уставот и уставниот закон за спроведување на Уставот, истакна на денешната прес-конференцијата на министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
Што и е работа на министерката Мизрахи? Зошто е избрана? За да внимава да нема злоупотреби во нејзиниот ресор во контекст на организирање фер и демократски избори. Наместо тоа, таа со овој чин не само што го згази Уставот, туку го прекрши и Законот за ратификација на Преспанскиот договор, ги проблематизира односите со соседна Грција, создаде проблеми во реализацијата на двете децениски стратешки цели на татковината – членство во НАТО и во ЕУ.
Државата нема да дозволи ваква инфантилност. Министерството за труд и социјална политика не е нејзин приватен стан, како што Уставот не е обично парче хартија. На министерката може да не и’ се допаѓа Уставот или Договорот од Преспа, но тоа не и’ дава право да не ги применува. Без начелото на уставност и законитост, од државата нема да ни остане ништо. И мене не ми се допаѓа проектот Скопје 2014, но одам во Министерството за надворешни работина работа. И мене не ми се допаѓа ригидноста на Законот за јавни службеници, затоа што на последниот конкурс не се квалификуваа извонредни кандидати поради непотполна документација, но Законот мораше да се почитува. Таблата на Министерството за труд и социјална политика е јавна исправа и никој не може своеволно да ја менува.
Сакам да ја информирам јавноста дека за овој настан МНР ги информираше меѓународните партнери на Северна Македонија. Истовремено, добивме и официјална реакција од соседна Грцијаво форма на Вербална нота од 7 февруари 2020 год. Ќе прочитам два пасоса од оваа нота:
„Ова претставува многу грубо прекршување на член 1.3 (а) и член 1.7 од Договорот од Преспа и доаѓа по повторени прекршувања на овој Договор од страна на министерот за труд и социјална политика и министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија.
Амбасадата го посочува на внимание на Министерството фактот дека Договорот од Преспа, кој што претставува стожер на односите помеѓу Грција и Северна Македонија и кој што го овозможува влезот на Северна Македонија во НАТО Алијансата и нејзината силна кандидатура за отворање на преговорите за пристапување кон Европската Унија со полна и активна поддршка од Грција, мора да биде доследно и постојано почитуван.“
Мислам дека ќе биде премногу од министерката Мизрахи да очекуваме да го разбере историското значење на Преспанскиот договор за афирмација на македонскиот идентитет, за заокружување на државноста во ОН, за зачленувањето во НАТО и за започнувањето на пристапни преговори со ЕУ. Но, таа е должна да ја разбере сопствената заклетва потпишана во Собранието и сопствената функција – министер за труд и социјална политика во една техничка влада – и секако, да разбере што значи Устав на една држава.
Флагрантното кршење на Уставот повлекува политичка и правна одговорност. Доколку веднаш своето делување не го врати на линија и во рамките на Уставот, му сугерирам на претседателот на Владата, г-динот Оливер Спасовски, да предложи нејзино разрешување до Собранието. Укажувам дека во нејзиното делување има и елементи што можат да повлечат кривична одговорност по член 353 и член 390 од Кривичниот законик, но тоа е веќе работа во делокруг на други државни органи, истакна Димитров.
видео: Влада