Единствена Македонија на Јанко Бачев, ФРОДЕМ на Јове Кекеновски и здружението „Тврдокорни“ потпишаа договор за коалиција на претстојните парламентарни избори. Тие на парламентарните избори ќе излезат под името: „Никогаш Северна, само Македонија“ .
По потпишувањето Јове Кекеновски од ФРОДЕМ истакна:
„Поради манипулативното и нечесно владеење на политичката гарнитура на власт, предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Северна Македонија, како и поради сервилната и обезличена опозиција, предводена од Демократската партија за северномакедонско национално единство, која цело време дејствува и е во функција и интерес на актуелната партија на власт“.
Јанко Бачев пак рече:
„Ние се заветуваме, даваме збор дека ќе го поништиме Преспанскиот договор, ќе го поништиме Договорот со Бугарија со којшто се бришат Македонците во Пиринска Македонија, ќе го поништиме фалсификуваниот попис со кој Албанците лажно беа прикажани во 2002 година дека се 25,17 отсто и ќе спроведеме попис кој што реално ќе ја прикаже бројката на населението во Македонија, ќе ја поништиме двојазичноста“, истакна Бачев.
„Ние во секој Македонец ќе му го разбудиме лавовското и ќе се бориме за оваа земја“, рече Горан Неделковски од Тврдокорните.
Дел од коалицијата „Никогаш Северна, само Македонија“ уште се и Унијата на ветерани на ВМРО 1990, ВМРО ДПМНЕ – Демократска фракција и Здружението на македонските друштва од Швајцарија.
Коалицијата е формирана врз основните стратешки определби кои го обезбедуваат опстанокот и просперитетот на Република Македонија:
1. Поништување на договорот со Грција за промена на името, со цел, неменување на името - Република Македонија;
2. Република Македонија национална држава на македонскиот народ со гарантирани права на малцинствата според меѓународното право;
3. Грижа за иселениците од Македонија и за положбата и правата на македонскиот народ во соседните земји и за таа цел поништување на Договорот со Бугарија со кој се бришат Македонците во Пиринска Македонија;
4. Во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и за таа цел поништување на законот за двојазичност;
5. Република Македонија унитарна држава со само една државна власт на нејзината територија;
6. Државната територија е неделива и неотуѓива, без можност за нејзино дезинтегрирање во федерални единки или територијална автономија;
7. Ревизија и одземање на украденото во криминалната, нечесната и неправедната приватизација со која е извршен грабеж на општествениот имот кој 50 години наназад го создаваа сите работни луѓе во социјализмот, ревизија и одземање на украденото и во постприватизацискиот период. Со еден збор, одземање на украденото од позиција на власт во изминатите 30 години.
Да живее Република Македонија!
Да живее македоснкиот народ!
Да живеат државјаните на Република Македонија, велат од Коалицијата.
фото: Архива