Актуелно

Бачев му пиша на Мицкоски: Ако си Македонец, не прифаќај понижувачка средба со две македонски и дури пет албански партии

Во пресрет на утрешната средба кај Стево Пендаровски, попладнево претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев упати писмо до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Во Писмото се вели:

Почитуван претседателе на ВМРО-ДПМНЕ,

“Ве повикувам утре да не одите на средбата кај Стево Пендаровски доколку Пендаровски остане на формат на средбата со две македонски и дури пет албански партии. Пендаровски е голем срам за Македонија и Македонците. Пендаровски заборавил во која држава живее со поканата кај него на гости да одите и за изборите да одлучуваат две македонски и дури пет албански партии на албанското малцинство.

Г-дине Мицкоски, ако сте Македонец од Македонија немојте да прифатите една ваква во основа длабоко понижувачка и навредлива лидерска средба со формат на две македонски и пет албански партии. За изборите, како исклучително значајно прашање решение треба да се бара според формулата за учество на сите политички субјекти – учесници на изборите и тоа од најмалку две причини, прво, учество на сите партии кои учествуваат на изборите овозможува решение со најширок легитимитет прифатено од македонскиот народ и државјаните на Република Македонија, и второ, учество на две македонски и дури пет албански партии е неприродна, неприфатлива и недозволива состојба, бидејќи не ја отсликува реалноста во Република Македонија, недозволиво го фаворизира албанското малцинство наспроти македонскиот народ и сите други малцинства во земјата.

Дотолку повеќе, овие  избори имаат историско значење – или ќе се зацементира бришењето на се што е македонско или ќе победат националните и патриотските сили кои ќе ги поништат антимакедонските договори со кои се брише името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ.

Знам колку се овие прашања важни за вас и длабоко го ценам времето што го употребивте да ги разгледате моите размислувања од витален интерес за македонскиот народ и македонската држава“, се вели во писмото од Јанко Бачев до претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

фото: Единствена Македонија

 

На почеток