Македонија

Калин Митрески: Преку формирање правосудна комора, со посебни филтри и ветинг за судии, до суштинските реформи во правосудниот систем

Интервју со Калин Митрески, кандидат за листа на пратеници во ИЕ 1

Калин Митрески е млад и перспективен адвокат, магистер на правни науки, вљубеник во правото и личност којашто секојдневно се бори со недостатоците на системот во Македонија. Надвор од адвокатурата, правото и политичкиот активизам, тој е страстен вљубеник во спортот, особено во фудбалот и во трчањето.

ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на Македонски Концепт?

Калин Митрески : Приклучувањето кон Македонски Концепт го доживувам како должност, којашто морам да ја исполнам како интелектуалец на кој му пречи секојдневието во кое живееме и нефункционалноста на правната држава. Со тоа, сметам дека единствен начин да направиш некоја промена е да се вклучиш и да делуваш. Молчењето и набљудувањето од страна на овие состојби, не само што не можат да ни помогнат, туку и одмагаат на многу начини. Затоа, политичкиот активизам и настојувањето нешто да промениме, се единствените чекори напред кои треба да ги направиме. Промената секогаш почнува кај нас, од самите себе. Тоа е мојот мотив. Кога сите би размислувале на овој начин, верувам дека немаше да бидеме во состојбата во која сме веќе 30 години.

Политичката сцена во моментов е составена од истрошени политичари кои овие три децении немаат ништо направено за народот и за обичниот граѓанин, освен што го осиромашија и го ограбија. Затоа, потребни се нови и свежи лица, високо образовани професионалци во својата работа, кои конечно ќе работат во интерес на државата, а не за својот или за интересот на партијата.

ПОЛИТИКАДали е ова Ваш прв политички ангажман?

Калин Митрески : Да, ова е мој прв политички ангажман.

ПОЛИТИКАШто според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

Калин Митрески : Пресудни за подобра иднина на државата се реформските проекти и процеси насочени кон четирите основни столбови: Економија, Судство, Здраство и Образование.

Ова подразбира стабилна економија во која државата ќе биде партнер, а не рекетар на фирмите; Независно судство; Функционална правна држава; Бесплатно здравство во буквална смисла на зборот. И, следно, но не и последно – Стратешки вложувања во развој на професионалниот кадар од којшто и зависи функционалноста на овие столбови. Повеќе од неопходна ни е изградбата на нови болници и целосна реформа во образованието, каде еднаш засекогаш ќе се расчисти со фамилијарните лози и конечно ќе се вработат вистински професионалци, кои ќе го развиваат овој систем и ќе изградат нови млади кадри чија селекција и развој би се засновале на строги професионални, морални и етички принципи! Само и исклучиво во интерес на развојот и изградбата на професионален, департизиран и транспарентен сервис на секој граѓанин на Македонија.

ПОЛИТИКАКои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

Калин Митрески: Расчистување со криминалот и корупцијата, инвестирање во младите, стратешка помош за развој на домашните компании и реформи во четирите споменати фундаментални столбови. Нашата земја не може веќе да си дозволи празен òд, доволно изгубивме и време, и едуцирани луѓе, и млади претприемачи!

ПОЛИТИКАКоја компонента од она што го нуди Македонски концепт за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?

Калин Митрески: Еден од клучните атрибути на креирањето на политиките во Македонски концепт е искреноста. Тоа е тој искрен пристап и дизајнирање искрени и чесни решенија кон сите проблеми кои ги има во државата, односно со други зборови, тоа се конкретни мерки и активности, а не политички пазар и голо политиканство.

ПОЛИТИКАКако вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?

Калин Митрески : Со оглед дека сум магистер по право и работам како адвокат, јас сум активно вклучен во оваа област, каде што изминатиот период промовиравме мерки како да ја направиме судската власт целосно независна и да нема никаков контакт и влијание со законодавната и со извршната власт. Ова подразбира формирање на правосудна комора во која ќе биде вклучена целата правната фела, избирање на судии преку оваа правна фела, при што се предвидени определени филтри и ветинг, за тоа кое лице е подобно да биде судија или јавен обвинител. Овој процес предвидува дека за оние кандидати коишто ќе ги поминат филтрите и ветингот, на секои 5 години да им се проверува имотната состојба, при што доколку се открие корупција кај некој судија или јавен обвинител – веднаш да биде разрешен, да се поведе судска постапка, додека, пак, целиот нелегално стекнат имот да биде запленет од државата. На ова прашање може многу да се разговара, но накратко, ова се клучните точки кадешто јас лично го гледам мојот придонес кон програмската понуда на Македонски Концепт.

ПОЛИТИКАЗа што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Калин Митрески : За Правна држава, за функционално и независно судство, за силна економија, за квалитетно и професионално образование и за бесплатно здравство. Без празни зборови и политиканство, а со многу работа и посветеност!

ПОЛИТИКАЗошто проекти?

Калин Митрески: Проектите се потребни во секоја област, во секој сегмент на општествено-социјалниот живот. Преку проекти, полесно се реализираат конкретни процеси или реформи. Само на тој начин, лесно, транспарентно и пред сѐ професионално, се комуницираат, се промовираат и се реализираат решенија кои би придонеле кон благосостојбата на секој граѓанин на нашата држава.

ПОЛИТИКАОпишете ја Македонија за 5 години од сега.

Калин Митрески : Македонија како дел и активен член на Европската Унија и НАТО, без никакви проблеми и негирања со соседите. Земја на перспективни млади луѓе, на сигурни работни места, со стабилна економија, искоренета корупција и непотизам.

фото: Македонски Концепт

На почеток