fbpx
саб. Окт 24th, 2020

Скопје1.мк

види, слушни, прочитај

Пановски: Не со пароли и патетики, туку со одлуки и решенија ќе ги заштитиме водните ресурси

Интервју со Дејан Пановски Координатор на Дримскиот проек, по повод одбележувањето на Денот на реката Дрим

Скопје 1:Годинава во специјални околности се одбележува Денот на реката Дрим и тоа по седми пат по ред. Која е поентата и кои се придобивките од одбележувањето на овој Ден на реката Дрим?

Дејан Пановски: Поважните водни ресурси во светот, посебни оние кои се врзани со значајни еколошки , економски и социјални елементи за општеството, имаат свој Ден. Реката Дрим како важен воден ресурс со слив кој спојува пет држави не е исклучок од светската пракса. Поентата а воедно и придобивките на ова одбележување е сензибилизација на јавноста за значењето на водните ресурси, потенцирање на прекуграничната соработка и еднаквот на активности и секако внесување за граѓанскиот сектор во процесите на заштита и управување со водните ресурси.

Скопје 1::Како во оваа година на предизвик на Ковид пандемијата го одржавте континуитетот на одбележувањето знаејќи ги рестриктивните мерки и состојби во сите земји од Дримскиот басен?

Дејан Пановски: Според оргиналниот распоред Денот на Дрим е 5.Мај и за тогаш беа планирани сите активности. Пандемијата и состојбите тоа го оневозможија тоа и целиот процес го префрливме за тогаш кога земјите ги олабавија мерките. На црногорската страна настанот веќе се одржа на 7 Јули, на косовска и македонска страна настанот е закажан овој викенд 25-26 Јули, а на албанската страна ќе биде одржан на 5 Септември. Основата на пораката е дека битката за заштита на водните ресурси продолжува и сите овие настани се одвиваат преку виртуелни конференции и предавања и настани организирани со почитување на здравствените мерки. Целта како поддржувачи на овие настани ни беше да се покаже дека и во новата нормалност нема застанување кога се работи за свеста за заштита на природата.

Скопје 1: Дримскиот проект е при крај со имплементацијата. Кои цели ги остваривте , кои резултати ги постигнавте низ имплементацијата на тој проект?

Дејан Пановски: ГЕФ Дримскиот проект е само дел од поширокиот Дримски процес кој како процес ќе биде присутен секогаш. Ние увидовме кои се недостатоците во управувањето со еден ваков исклучително комлексен еколошки но и енергетски ресурс преку Прекуграничната дијагностичка анализа која ја спроведивме.Со таа анализа сега точно се идентификувани состојбите на сливот од аспект на институционална поставеност, биодиверзитетот во сливот, неговата хидрологија, изворите на загадување,врската со храната и енергијата и целата социоекономија на сливот. Врз база на таа анализа изготвена е Стратешката акциона програма кој содржи план на акции за секој од проблемите во сливот. Таа програма на 24.Април 2020 година на видео конференција беше одобрена и потпишана од надлежните политички преставници на државите од Басенот. И врз основа на утврдени приоритети на секоја од земјите веќе пристапуваме кон изработка на проектните фишеа за имплементација на тие мерки, кои ќе ги презентираме на донаторска конференција специјално подготвена за Дримскиот басен.

Скопје 1:  Која би била крајната цел на овој проект или како што вие го нарекувате Дримски процес?

Дејан Пановски: Процес подразбира нешто што е континуирано и што нема крај. Но нашите цели во оваа фаза се состојат во три моменти. Првиот е да воспоставиме мрежа за размена на податоци помеѓу земјите во  сливот за што веќе имаме изготвен и одобрен план. Втор момент е изготвувањето на план за управување на целиот Дримски басен од Преспа до Скадар кој ќе биде основа за заедничка работа и за тоа веќе имаме отпочнато процедура. И третиот момент е постигнување на заеднички договор за воспоставување на Заедничка Комисија за управување со целиот басен по примерот на многу далеку поразвиени комисии (Сава, Дунав, Меконг ..) за што веќе ја подготвуваме рамката. Сите овие процеси се поддржани од Дрим Кор Групата која е координативно тело на процесот. Ова се комплексни процеси во кој се судираат низа интереси и приоритети на секоја од државите и затоа Дримскиот процес покрај еколошка има и силна политичка и дипломатска компонента по која се движиме.

Скопје 1: Споменавте приоритети. Кои се приодитетите за македонската страна во целиот овој процес?

Дејан Пановски: Македонскиот дел од Дримскиот басен е горниот дел на басенот и содржи во себе три суб- басени. Два езерски (Преспа и Охрид) и еден речен (Црн Дрим). Но во себе ги содржи исклучително важните енергетски капацитети, хидроцентралите на Црн Дрим. Од тој аспект клучмно е да се воспостави континуирана соработка на енергетските компании на земјите од басенот. Нашиот фокус е сега на изработката на Планот за управување со сливот на Охридско Езеро. Тоа е алката што долго недостасуваше во управувањето со целокупниот слив. Ова ќе биде воедно и прв прекуграничен план во согласност со Европската рамковна директива за води. Добрата вест е дека Нацрт Планот е изготвен и сега по него следува консултативен процес за негово финализирање. Втората добра вест е што Планот содржи програма на мерки која опфаќа преку стотина конкретни мерки за санирање на состојбите во сливот и обезбедување на стабилна состојба на езерото и сливот, со надлежност и финансиски проценки. Имавме шанса да поставиме рамка за иднината и тоа го сработивме.

Скопје 1: Која е завршната ваша порака по повод Денот на Дрим?

Дејан Пановски:Пораката е дека екологизмот треба да го промовираме како култура на живеење. Дека треба да почнеме со носење на одлуки и решенија, а не само констатирање слабости. Јас не сум приврзаник на пароли ниту на патетика, тука на борба со јасни одлуки што смее, а што не смее и на јасни казни за оние кои прават штети врз екосистемот и општеството. Верувам дека новата генерација ќе биде похрабра во носење одлуки и решенија. И да не го потцениме Дрим. Тоа е системот кој ја одредува и иднината на Охридското Езеро и токму тоа покрај другото беше основата да го туркаме Дримскиот процес.