Истакнатиот македонски писател, критичар и есеист Александар Прокопиев учествуваше во меѓународната конференција „Белградски контрапункт 2020“ насловена „Уметноста и митот денес“, која годинава прв пат беше организирана во онлајн формат, поради пандемијата на Ковид-19.
Конференцијата, која беше организирана од страна на Министерството за култура и информирање на Република Србија и Заводот на проучување на културниот развој во Србија, е меѓународен собир со цел да се соберат уметниците и интелектуалците од различни делови од светот, кои со својот работа значајно придонесуваат за разбирањето на современите светски текови, односно ситуациите во кои се наоѓа човекот денес. „Белградски контрапункт“ е можност за разговор за прашањата кои се однесуваат на заедничките и битни искуства, на кои, од аспект на разни лични и геокултурни точки, може да се дадат различни одговори, а од друга страна, тие разлики можат да се усогласат во еден широко базиран поглед. Конференцијата е замислена да биде пример со кој се потврдува дека човекот е битие за разговор, и да, во разговорот, секој може да ја потврди својата вистина, притоа не отфрлајќи ја вистината на другиот.
На конференцијата активно учество земаа и истакнатиот руски прозен и драмски писател Дмитриј Данилов, шпанскиот поет и критичар Едуардо Мога, американската прозна писателка Теа Обрехт, истакнатиот канадски драмски писател Верн Тисен, и австрискиот историчар, публицист и издавач Ханес Хофбауер. Конференцијата беше модерирана од еден од најистакнатите српски режисери, воедно и актер, прозен автор и музичар, Емир Костурица, а воведен збор и учество во конференцијата зема и Министерот за култура и информирање на Република Србија Владан Вукосављевиќ.
Уредена верзија од изнесеното на конференцијата се публикуваше како печатено издание кое се дистрибуираше со дневниот весник Политика во Србија, во тираж од 58.500 примероци.