Независна кандидатка за градоначалник на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска во вечерашната дебата на „360 степени“ рече дека генералниот урбанистички план треба да биде изработен од експерти, бидејќи тој треба да мапира и да креира каква ќе биде иднината на Скопје.
„Сметам дека генералниот урбанистички план треба да се отвори и пред граѓаните. Секој граѓанин да има можност да види и да знае што е она што се планира да му се направи, изгради или креира како решение во неговото маало. Да не се случува некој ден да се разбудиме и да видиме дека на три метри од нашиот прозор некој гради ново бетонско здание или нова зграда. Треба сето тоа да биде направено плански. Мора да се отвори јавно и за експертиза, но и за релевантните организации и за увид на граѓаните. Мора да знаат што се планира, сепак градот е на граѓаните, а не ГУП-от да се врти само во одредени кулоари… И не смее повеќе во Скопје да има заборавени населби и населби во кои нема да има вода за пиење, тоа е срамота во 21 век“, додаде Арсовска.