Скопската градоначалничка Данела Арсовска три месеци со викање побара поддршка за директорката на ЈП „Комунална хигиена“, Косана Мазнева-Николиќ, за денеска, да ја разреши од функцијата. Одлуката на Арсовска е конечна, а за ова јавно засега не зборува.
На местото од Мазнева-Николиќ, градоначалничката Арсовска веднаш постави нов кадар. Станува збор за в.д. директорот Гоце Трајковски – непознат за јавноста.
Директорката не е разрешена по нејзино барање, ниту пак, таа самата знае зошто Арсовска се решила на овој чекор. Од Град Скопје – молк. Ниту збор, ниту драма – како што беше случај при претходните разрешувања.
При најголемиот хаос во „Комунална хигиена“, Арсовска застана со поддршка за Мазнева-Николиќ. Со дерење на прес-конференција зборуваше дека директорката постапила како ниту еден маж досега.
„Во целосна одбрана на Косана Мазнева е дека ги детектирала сите неправилности. Таа постапи уште минатиот месец, пред 25 јуни, кога реагира соодветно, кога почна со сите постапки, па мафијашките структури одлучија да се пресметаат со неа. Јас не дозволувам никој да нè манипулира тука, најмалку против една жена, која се нафати со едно претпријатие со 1.400 вработени, кое било во заложништво на ликови, семејно поврзани, да се обиде ова да го испреврти и да ја направи виновна. Треба да го поздравите тоа што некој со овие мафијаши се справува по 30 години. Ако мислите дека со еден ден се прави сериозна пријава – се лажете. Затоа треба оваа жена да ја поздравите сите, да ѝ кажете браво“, им рече Арсовска на новинарите пред три месеци.
Градот Скопје во мандатот на Арсовска ретко или речиси ич не комуницира со новинарите. Нема одговори на прашања, а се почесто сите одлуки се прават зад затворени врати.