Независната кандидатка Данела Арсовска која е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Алтернатива, изминативе неколку денови е постојано на терен и остварува средби со жители на повеќе скопски општини. Меѓу нив се и Кисела Вода, Гази Баба, Ѓорче Петров. Таа постојано ги споделува импресиите од средбите на социјалните мрежи, а секогаш има забелешки за кои вели дека се впечаток добиен од поплаките на граѓаните.
„Денеска се сретнав со жители од повеќе населени места во општина Кисела Вода. Она што го заклучив е дека жителите на сите скопски општини мора да бидат активно вклучени во креирањето концепти за подобрување на функционирањето на сите нивоа на главниот град. Токму тие се оние кои што најдобро знаат што точно ѝ е потребно на општината за да стане подобро место за живеење за нив. Бетон наместо зеленило, ископани улици наместо сообраќаен ред, уништени паркови наместо детски игралишта, канализациони и водоводни системи без капацитет се само дел од негодувањата што ги слушнав од населението од Кисела Вода“, напиша Арсовска вчера.
Таа беше и во Гази Баба. Тврди дека барањата на граѓаните не се невозможни за реализација.
„Вчера вечер бев во повеќе населени места низ општина Гази Баба. Се сретнав со многу луѓе од различни места.
Луѓето не се вклучени, не се прашани за тоа како треба да функционира главниот град, а токму тие се оние кои најдобро знаат. Барањата на граѓаните не се ниту премногу, ниту невозможни за реализирање. Напротив, со системски решенија, добра организација и правилна стратегија, можеме да го подобриме животот и секојдневието на граѓаните од Гази Баба“, напиша по средбата.
Таа беше и во две населени места дел од општината Ѓорче Петров.
„Вечерва остварив средба со граѓани од Дексион и Ново Село. Отворено разговаравме за сите наталожени проблеми кои никако да се решат од локалните власти. Дивата депонија во Ново Село постои подолг период и директно влијае на загадување на воздухот, почвата и подзнемните води, а со тоа и по здравјето на граѓаните и истото мора да се спречи. Сакам Скопје да биде град кој ќе понуди убав живот за сите граѓани, а тоа значи и еколошки чист град“, објави Арсовска.