Оставка на Владата би значело неодговорност кон мнозинството граѓани кои дадоа поддршка на изборите токму за да ги водат одговорни политичари и убедени дека ќе се реализира европската агенда, изјави портпаролот на Владата, Душко Арсовски.
„Владата останува посветена на реформите кои се дел од патот кон членство во Европската Унија. Земјава стана членка на НАТО. Во март Советот на ЕУ даде едногласно зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија. Сите земји членки на ЕУ се согласија на тоа, вклучително и Бугарија. Истовремено, во март Република Северна Македонија имаше исклучително позитивен извештај од Европската комисија за реформскиот напредок, каде е подобра од другите земји кандидати, па дури и понапред од некои земји кои веќе преговараат“, рече Арсовски.
Одговарајќи на новинарски прашања за натамошните чекори и стратегијата во разговорите со Бугарија, по задршката на Софија да ја одобри преговарачката рамка, портпаролот Арсовски истакна дека Владата останува посветена на европскиот пат, а пречките ќе се надминуваат врз основа на европските вредности и принципите на добрососедство и дијалог.
„Владата на Северна Македонија има јасна определба, дава шанса на процесот и работи на тоа да дојде до усогласување на ставовите според јасно утврдени македонски национални позиции и согласно стратешки евроинтеграциски цели на земјава. Се работи заедно со нашите меѓународни сојузници. Посебно сме благодарни на зајакнатиот ангажман на германското претседателство со ЕУ. Токму во вакви моменти, на предизвик, треба да се покажат европски вредности. Дијалог, наместо конфликт. Смиреност и подготвеност за соработка, наместо национализам за домашна употреба и нови изолации“, посочи портпаролот Арсовски.