“Се има почеток и се започнува од еден сон“. Вака лидерот на ДУИ, Али Ахмети преку видео порака го објави стремежот на неговата партија за прв премиер Албанец во РСМ. Откако ги наброја постигнувањата на Албанците во Македонија, наведувајќи ги раководните позиции, министерства раководени од Албанци, вклучувајќи ја и спикерската функција во Собранието, рече дека тоа не е доволно, објави ТВ 21.
„Сега е време за продолжување на сонот. За поголеми соништа, бидејќи дојде време да се постигне повеќе. Северна Македонија е наша земја. Земја за која сме се бореле. Ние имаме еднаков дел во историјата, наследството, економијата и иднината на нашата земја. Сега е време за целосна рамноправност, за преземање одговорност за водство! Време е за прв премиер Албанец во Северна Македонија“, истакна Али Ахмети.
Ахмети вели дека идејата за премиер Албанец не се однесува на ДУИ ниту на него како претседател. Вели дека тој само го поплочува патот за остварување на овој сон а за кого бара поддршка од сите други албански партии.