Пејачката Бебе Реџа, која има етничко албанско потекло од Македонија, реагираше по најавата за нов протест на албанските студенти во земјава, кои бараат правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик.
Во објава на Инстаграм, таа порача дека албанскиот јазик е длабоко поврзан со националниот идентитет и дека генерации се бореле за негово зачувување.
„Нашиот албански јазик е длабоко вкоренет во нашиот идентитет. Со генерации се боревме да го зачуваме и да го одржиме во живот“, напиша Бебе Реџа.
Таа нагласи дека Северна Македонија е мултиетничка држава, изградена врз коегзистенција и еднакви права за сите заедници, посочувајќи дека албанскиот е признат како коофицијален јазик.
Во реакцијата, пејачката истакна дека албанските студенти заслужуваат исти права и можности како и сите останати.
За понеделник, 18 мај, повторно е најавен протест на албанските студенти во Скопје, со барање правосудниот испит да се полага и на албански јазик, како и целосна примена на Законот за употреба на јазиците.
Протестот ќе започне во 16:30 часот кај Камениот мост во Скопје.