Белото троделно одело што американскиот актер Џон Траволта го носеше во култниот филм Треска во сабота навечер ќе биде понудено на аукција во август годинава.
Се очекува оделото да достигне цена меѓу 200.000 и 400.000 долари.
Траволта во ова одело го толкуваше главниот лик Тони Манеро. Костимот се појавува во познатите танцови сцени со музиката на Bee Gees, кога неговиот лик заедно со партнерката Стефани, која ја играше Карен Лин Горни, учествува на танцувачки натпревар.
Аукцијата во Лос Анџелес ја организира компанијата Propstore, а оделото, на кое има и рачно напишана посвета од Траволта, е еден од околу 1.700 филмски и телевизиски реквизити што ќе бидат понудени во текот на четиридневната продажба.
Вкупната вредност на сите предмети се проценува на околу 10 милиони долари.
Меѓу најинтересните експонати на аукцијата е и костимот на Френк Зајакот од филмот Дони Дарко, чија вредност се проценува меѓу 100.000 и 200.000 долари.
На продажба ќе биде понуден и реквизитот со фосил од комарец во килибар од воведната сцена на филмот Паркот од времето на диносаурусите.
На аукцијата ќе се најдат и оригиналната Златна грабливка (Golden Snitch) од филмот Хари Потер и Каменот на мудроста, чија проценета вредност е меѓу 25.000 и 50.000 долари, костимот на Бетмен што го носеше Мајкл Китон во филмот Враќањето на Бетмен, каскадерската секира од Сјаење и оклопот на Ајрон Мен од филмот Капетан Америка: Граѓанска војна.
Од компанијата Propstore велат дека аукцијата им нуди на колекционерите можност да станат сопственици на автентични предмети од филмови и телевизиски остварувања кои оставиле траен белег во историјата на популарната култура.