Карим Бензема (38) е без клуб од почетокот на неделава, откако го раскина договорот со саудискиот Ал Хилал. Поранешниот француски репрезентативец сега бара нов ангажман, а за него би можеле да се заинтересираат и клубови од англиската Премиер лига.
Бензема го напушти Ал Хилал само шест месеци откако пристигна од ривалскиот Ал Итихад. Иако на 16 натпревари постигна 10 гола, клубот немал намера да го пријави за новата сезона. Според информациите од Саудиска Арабија, 38-годишниот напаѓач не се вклопувал во плановите на тренерот Симоне Инзаги и немал загарантирано место во првиот состав.
Поради тоа, Бензема побарал да си замине, а Ал Хилал се согласил на раскин на договорот без обесштетување.
„Едно поглавје е завршено. Благодарен сум му на Ал Хилал, на соиграчите, стручниот штаб, навивачите и на сите во клубот за времето што го поминавме заедно. На Ал Хилал му посакувам сè најдобро во иднина“, порача Бензема.
Ал Хилал веќе најде замена за францускиот напаѓач. Минатиот месец од Астон Вила за 58 милиони евра го доведе Оли Воткинс.
Според „talkSPORT“, интерес за Бензема покажува и друг саудиски клуб, Ал Шабаб, додека голем интерес за него постои и во Турција. Новинарот Бен Џејкобс смета дека во трката би можеле да се вклучат и англиски клубови.
Иако преодниот рок е завршен, клубовите од Премиер лигата и понатаму можат да ангажираат слободни фудбалери, што му остава отворена можност на Бензема за првпат во кариерата да заигра во Англија.
Бензема, кој во 2022 година ја освои „Златната топка“, досега нема настапувано во Англија. Во минатото медиумите го поврзуваа со Арсенал, Челси, Ливерпул, Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед и Тотенхем.
Во клупската кариера за Лион, Реал Мадрид, Ал Итихад и Ал Хилал постигнал 484 гола на 895 натпревари. За репрезентацијата на Франција има 37 гола на 97 настапи.