Владата ја прифати Предлог-програмата за обезбедување средства за болничко лекување без наплата на учество (партиципација) за пензионери и за обезбедување на средства за специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги за корисниците на правото на социјална парична помош во Република Македонија за 2019-та година.
„Според програмата, пензионерите кои имаат пензија пониска од 14.000 денари се ослободени од плаќање партиципација при лекувањето во болнички здравствени установи. Додека корисниците на правото на социјална парична помош се ослободени од партиципација при користење на специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги во Република Македонија“, вели миситерот за здавство Венко Филипче.
На владината седница уште беше прифатена и предлог-програмата за лекување на ретки болести во Република Македонија за 2019-та година. Програмата ќе овозможи континуитет на активностите кои државата ги презема за набавка на медицинска терапија за лекување и третман за пациентите со ретки болести во Република Македонија и за неа се обезбедени вкупно 380 милиони денари.
На својата редовна седница, Владата ја прифати информацијата за потребата од задолжителна инклузија на децата со лесна попреченост во редовните училишта во Република Македонија. Притоа, Владата го задолжи Министерството за образование и наука да воведе систем на следење на развојот на овие деца од страна на стручните инклузивни тимови во сите основни училишта во Република Македонија, најдоцна до март 2019 година и на квартално ниво да ја известува Владата за нивниот развој. Исто така, министерствата за образование и наука, за труд и социјална политика, за здравство и Бирото за развој на образованието се должни во рок од 3 месеци да изготват унифицирани формулари за постапката за запишување и отпишување, како и за следење на развојот на децата во основните и средни специјални училишта кои ќе ги содржат сите потребни податоци за децата и да ја информираат Владата за преземените активности. Овие институции исто така се должни до јуни годинава, да подготват Анализа за трансфер на децата со лесна психичка попреченост од училиштата за деца со посебни потреби во редовните училишта со предлог за група/групи на деца кои ќе може да се трансферираат од учебната 2019/2020 година.