Пратеникот на СДСМ, Благој Бочварски, во гостување во емисијата „24 анализа“ упати критики кон Владата, оценувајќи дека недостасуваат нови инфраструктурни проекти и дека реализацијата на најавените проекти доцни.
Тој посочи дека најавите за почеток на одредени големи проекти повеќепати се поместуваат, без притоа, како што рече, да има јасно обезбедено финансирање и технички услови за нивна реализација.
Бочварски оцени дека дел од тековните инфраструктурни активности се продолжение на проекти започнати во периодот кога СДСМ беше на власт, наведувајќи примери за патни делници со висок степен на изграденост кои подоцна биле довршувани.
Тој додаде дека во железничкиот сектор се потребни реформи и либерализација на пазарот, при што изрази критика за актуелните политики на Владата во таа област.