Матурантите по 12 дена бојкот од денеска привремено ќе го прекинат бојкотот на наставата. Тие даваат рок до крајот на месецот пратениците во Собранието да ги усвојат нивните барања односно да се намалат предметите за полагање матура од четири на два – мајчин јазик и предмет по избор од областа во која матурантот планира да ги продолжи студиите.
Претходната недела тие имаа средби со пратеници во парламентот и очекуваат дека ќе се исполнат нивните барања.
„По нашите средби со пратениците во Собранието, Сојузот на средношколци е сигурен дека ја ужива поддршката на повеќе од 70 пратеници во законодавниот дом.
Во тој поглед, Генералното собрание на Сојузот одлучи привремено да прекине со бојкотирањето на наставата од утре, сабота, 6 февруари до 12 февруари 2021 година.
Нашиот бојкот e последица на немањето слух за нашите проблеми, укажувања, аргументи и конкретни предлози. Истото нема за цел губење на настава и учење, туку изменување на годинешната државната матура. Ни требаат и квалитетна настава и изменета државна матура и натамошен образовен и професионален развој. Поради ова, Сојузот им остава можност и време на институциите да ги прифатат и спроведат нашите барања“, стои во соопштението од Сојузот на средношколци.
фото: Архива