Бојан Јовановски, обвинетиот во случајот „Меѓународен сијуз“, на денешното рочиште рече дека Мила Царовска, актуелниот вицепремиер за економски прашања и поранешна министерка за труд и социјална политика, ја донела кај него Лилјана Тодоровска, жена која подоцна се испостави дека добила на сметка 750.000 евра и имала задача да ги извлече и да ги предаде парите.
- Мојот договор со ГП Пелистер не падна од небо туку беше преку посредници, а вистиниските посредници ќе се дознаат преку кривичните пријави. Мила Царовска ја донесе Лилјана Тодоровска која е автор на проектот кај мене. Имав и прием и поддршка од Зоран Заев и од Оливер Спасовски, рече Јовановски.
Боки 13 додаде дека со Фросина Ременски, исто така обвинета во случајот, се запознал како симпатизер и граѓански активист на СДСМ и дел од Шарената револуција.
Тој рече дека првата средба со бизнисменот Силјан Мицевски ја организирал пратеникот Александар Кирацовски и оти на 4 јануари бил потпишан меморандум со Општина Битола.
За Проектите за старечки домови, кои според обвинителството се фиктивни, всушност биле реални, со потпишани договори донесени на собрание на невладината организација Меѓународен сојуз и проекти прераснати во платформи, истакна Јовановски
– Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски ниту се мали деца, ниту деловни неспособни за да бидат измамени. Фактот за мојот коректен однос говори дека не постои измама. Дента кога бев уапсен разговорав со Мицевски. Ми рече, нека ти е среќен пат на одмор, ќе се видиме кога ќе се вратиш. Замислете човек што си го измамил да ти посакува да си поминеш убаво на одмор – рече Јовановски.
Во случајот „Меѓународен сојуз“, заедно со Јовановски обвинети се и Јасна Мандиќ, Фросина Ременски, Миле Јовановски и Христина Блажеска за кривичните дела „измама“ и „перење пари“.