Бојан Јовановски или Боки 13, на денешното судење ја дава својата одбрана во случајот „Рекет“.
Судијката Васка Николовска-Масевска даде пауза на денешното судење за „Рекет“, откако тоа го побара ексспецијалната јавна обвинителка Катица Јанева, на која ѝ се слоши. Пред паузата, а по обвинувањата од Бојан Јовановски, кој кажа дека Вилма Русковска му јавувала кој ќе биде повикан на распит во Обвинителството за гонење организиран криминал, за тој да испрати новинарска екипа, таа ги повика институциите да ги истражат наводите.
„Рекет“ е направен за спас на Јордан Камчев, за рушење на специјалното јавно обвинителство и Катица Јанева, бидејќи им пречеше на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ“, рече Јовановски во судницата.
Русковска побара од судот Јовановски да се осврне на доказите кои ги има за да докаже дека е невин во постапката за случајот „Рекет“, каде се гони за две дела, примање награда за противзаконито влијание, за кое казната е една до 10 години затвор, а исто толку е и казната за другото дело што му се става на товар – перење пари и други приноси од казниво дело.
„Недозволиво е да се навлегува во нечиј личен и приватен живот. Дали Русковска или некој друг направил кривично дело или криминал, нека истражат институциите. И јас барам да истражат“, рече обвинителката Русковска.
Јовановски говореше за пораки кои Русковска му ги испраќала на апликацијата „Ватсап“.
„Овој ми е одвратен, мора да го снимате, обавезно пушти новинар“, ми пишуваше Русковска за експретседателот на Судскиот совет. Тој во исказот посочи дека повеќе пати се среќавал со обвинителката Вилма Русковска во „1ТВ“, каде разговарале додека таа пиела алкохол. Јовановски кажа и дека тој ја договорил Русковска да гостува во „1ТВ“.
Првообвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски, на распит пред судијката Васка Николовска-Масевска повторно говореше за доказите кои, според него, покажуваат дека не рекетирал, а се во неговиот телефон одземен од страна на Обвинителството, за кој тврди дека не е вештачен.
Јовановски кажа дека во телефонот, кој не му бил вештачен, имало аудиоснимки од разговор со ексглавниот и одговорен уредник на згаснатата „1ТВ“, Ацо Кабранов, со кого разговарал за Орце Камчев.
„Ова што јас го зборувам можеше да го потврди господинот Кабранов. Доколку сведочеше Дувњак, ќе објаснеше за средбата со Катица Јанева, кога ја посетивме во СЈО“, посочи Јовановски.
Тој во исказот посочи дека повеќе пати се среќавал со обвинителката Вилма Русковска во „1ТВ“, каде разговарале додека таа пиела алкохол. Јовановски кажа и дека тој ја договорил Русковска да гостува во згаснатата „1ТВ“.
„Јас ја повикав Русковска во телевизијата, неколку пати беше во редакцијата, во четири очи сме пиеле кафе, па и алкохол, како што е редот во една домаќинска куќа. Јас не пиев алкохол бидејќи таква беше атмосферата“, рече Јовановски.
Обвинетиот Јовановски во изјавата посочи дека телевизијата со која раководел се финансирала легално од компании што се рекламирале, а не од СДСМ и ВМРО, ниту, пак, барал државни пари.
Со исказот Јовановски сака да докаже дека „1ТВ“ не се финансирала од рекет, туку од легални пари. Во текот на исказот, а одговарајќи и на прашања од неговиот адвокат Сашо Дуковски, Јовановски кажа дека немал приходи, ниту, пак, сопственички удел во „1ТВ“. Според него, ќе имало конфликт на интереси доколку бил сопственик на медиумот, а истовремено и претседател на невладината „Меѓународен сојуз“.
Во исказот пред судечкиот совет на рочиштето за „Рекет“ првообвинетиот Бојан Јовановски говореше за односите со ексспецијалната јавна обвинителка Катица Јанева, за нејзиниот син Лазар Јанев, како и запознавањето. Во текот на судењето, тој ја карактеризираше Јанева како народен човек и либерална жена, која нема предрасуди, што се покажало бидејќи не ѝ пречела неговата сексуална определба.
„Со неа разговаравме и за мои љубовни работи, но никогаш не сум ѝ кажувал што да работи и како. За предметот ‘Империја’ и другите предмети дознав овде, во судницата. Со Јанева се запознав во септември 2018 година, кога ја поканив да гостува во ‘1ТВ’, па имавме средба во СЈО, но ја одби поканата. Целта беше да ја раскаже животната приказна во емисијата ‘Лица’.
Лазар Јанев првпат го видов на фотографии, а таа ми кажа дека е правник и не е вработен. Тогаш ѝ понудив да работи кај нас. Јанев контактираше со АВМУ, но немаше врска со маркетингот“, рече Јовановски.
фото: Архива