Бугарскиот премиер Бојко Борисов го советувал премиерот Зоран Заев да не поднесува оставка ако сега не биде донесена одлука за почеток на преговорите со ЕУ, зашто има уште многу работи да се направат.
– Јас разговарав со Заев и мојот совет до него беше да не си поднесува оставка зашто заврши многу работа и има уште многу што да се направи. Ништо не е завршено, туку е одложено. Едоставно е одложено за време на претседавањето на Хрватска. Фактот што не се договоривме да има пишани заклучоци од состанокот кажува дека огромното мнозинство од државите на ЕУ се за отворање преговори со Северна Македонија и Албанија. Сакам да потсетам дека кога Бугарија се подготвуваше за членство имаше цивилизиран дијалог меѓу власта и опозицијата и сите политички партии дека тоа е наш европски пат. Ако во Северна Македонија или во Албанија има партии кои можат во еден момент да се вратат назад тоа е исто така голем ризик, но времето ќе покаже. Постои емоционален момент, вложија многу напори, ниту една држава не го сменила името изјави денеска Борисов пред продолжението на состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел.