Промени тема
Контакт
Најнова епизода Од „обид за убиство“ до врвот на СДСМ: „Претрес“ на Трифуновски за фештата, бегството, Алта Банка Гледај на LANDOV.MK

Британскиот суд осуди познат комичар на една деценија робија, македонска адвокатка порача: Вака треба да се соопштува и образложува судска одлука во име на граѓните, за и тие да ја разберат

Скопје1.мк's avatar
Автор: Скопје1.мк

објавено пред 1 час -

Македонија
media-libraryudjkdqete5qo1DuHCpV

Адвокатката и членка на Судскиот совет Сузана Јошевска-Анастасовска сподели дел од образложението на пресудата што британскиот суд „Саутворк Краун“ му ја изрече на познатиот комичар и инфлуенсер Расел Бранд, осуден за силување и сексуални напади врз четири жени. Таа посочи дека начинот на кој судијата ја соопштил и образложил одлуката е пример како треба да изгледа јавното објавување на судски пресуди.

„Во името на народот и за да разбере народот“, напиша Јошевска-Анастасовска, истакнувајќи дека судијата настапил смирено и достоинствено, без да биде бесчувствителен кон жртвите и сериозноста на сторените дела.

Во образложението судијата навел дека пред околу 20 години Расел Бранд станувал сè попознат како духовит, интелигентен и харизматичен комичар, но дека во истиот период вршел сексуални напади. Според него, неговиот јавен статус долго време му овозможувал да избегнува одговорност, сè до 2023 година, кога новинарски истражувања и објавени сведоштва охрабриле повеќе жени да проговорат за своите искуства.

— реклама —

Станува збор за кривични дела извршени врз четири жени во периодот од 2004 до 2009 година. Судијата нагласил дека при одредувањето на казната ги земал предвид само делата за кои поротата го прогласила Бранд за виновен, а не и другите обвиненија за кои бил ослободен од вина.

Во еден од случаите, Бранд ја допирал жената по градите без нејзина согласност, додека таа седела и разговарала со него на забава. По настанот, жената била толку вознемирена што во текот на ноќта талкала низ улиците на Лондон и телефонски побарала помош од пријателка. Во своето сведоштво за последиците, таа зборувала за траумата, чувството на ранливост и вознемиреноста секогаш кога ќе го видела Бранд во медиумите.

Во друг случај, судијата опишал напад во кој Бранд насилно ја бакнувал жената, ја притиснал со телото до ѕид и ја допирал по градите и задникот, оневозможувајќи ѝ да се помести. Настанот се случил пред други луѓе, кои не интервенирале. Судијата нагласил дека тоа не било само несоодветно однесување или шега, туку кривично дело. Жртвата подоцна имала чувство на несигурност на работното место и нарушена доверба во машките колеги.

Најтешкото дело било силувањето во 2009 година. Жената претходно имала доброволен сексуален однос со Бранд, но при подоцнежната средба во неговиот дом, по првично договорениот однос со кондом, тој го отстранил без нејзина согласност и ја силувал анално. Таа повеќепати побарала да престане, но тој продолжил. По нападот, жената била во силни болки и вознемирена, а Бранд ја принудил да ги исчисти постелнината и последиците од нападот.

— реклама —

Жената подоцна имала проблеми со спиењето и исхраната, отсуствувала од работа неколку месеци и се откажала од започнатата кариера. Судијата посочил дека последиците од нападот биле значителни и долготрајни, а жртвата со месеци стравувала дека можеби се заразила со ХИВ.

Во четвртиот случај, Бранд преку членови на својата придружба побарал од една жена да му даде масажа. Таа се чувствувала како да нема избор, а кога започнала, тој го поставил лицето во нејзиниот скут, во близина на нејзините интимни делови. Потоа ја навредувал пред присутните, што судијата го оценил како дополнително понижување. Жената сведочела дека по настанот ја изгубила довербата во луѓето и повеќе не се чувствувала безбедно на работното место.

При одредувањето на казната, судијата ги разгледал отежнувачките и олеснителните околности. Како отежнувачки ги издвоил повторувањето на делата во период од пет години, употребеното насилство, понижувањето на жртвите и однесувањето на Бранд, кој сметал дека неговата популарност му дозволува да постапува без да ги почитува границите и волјата на жените. Посебно го истакнал отстранувањето на кондомот без согласност, поради што жртвата подолго време стравувала дека можеби се заразила со ХИВ.

— реклама —

Како олеснителни околности биле земени предвид фактот дека Бранд немал значајни претходни осуди, дека поминале 17 години од последното дело и дека во меѓувреме имал активности со кои им помагал на лица што се соочуваат со зависности, вклучително и со финансирање лекување. Судијата го споменал и влијанието што затворската казна ќе го има врз неговите деца. Сепак, нагласил дека овие околности не можат да ја намалат сериозноста на сторените дела до степен што би оправдал избегнување затворска казна.

Особено значајна била пораката на судијата дека секоја жена има право да каже „не“, без оглед на тоа како е облечена, каде оди или колку алкохол испила. Тој нагласил дека одлуката на една жена да присуствува на забава, да испие пијалак или да се согласи на одреден вид сексуален однос не значи дека дала согласност за други сексуални дејствија.

Судијата им оддал признание на жените за храброста и истрајноста при сведочењето, особено затоа што морале да се соочат со одбраната и обвинувањата дека лажеле или ја искривувале вистината. Пофалби упатил и до лондонската Метрополитен полиција за прибирањето докази и грижата за жените што сведочеле.

За едно дело на сексуален напад Бранд добил девет месеци затвор, за второто 18 месеци, а за третото осум месеци. Овие казни се издржуваат истовремено, но последователно на деветгодишната казна за силување. Вкупната казна изнесува 10 години и шест месеци затвор.

— реклама —

Според одлуката, Бранд ќе треба да издржи две третини од казната пред да биде пуштен на условна слобода, при што ќе мора да ги почитува пропишаните услови и ќе може повторно да биде вратен во затвор доколку ги прекрши. По ослободувањето, врз него ќе се применуваат и неопределени обврски за пријавување согласно британскиот Закон за сексуални престапи од 2003 година.

Сподели

Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели како слика
Google Постави го Скопје1 за твој Google извор
Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања