Бугарскиот медиум „24 часа“ објави текст во кој што пишува дека речиси сите поблиски роднини на пратеникот Миле Лефков се бугарски државјани. Медиумот тврди и дека братот на пратеникот поминал низ постапката за добивање на бугарски пасош.
-Околу 20-тина од семејството Лефкови од Кочани, сите први и втори братучеди, како и неговиот брат Иван, се бугарски државјани кои поминале низ постапка во која декларирале дека имаат дедо Бугарин и дека и самите се чувствуваат како Бугари. Во исто време, партијата на Миле Лефков се противи сите луѓе во Република Северна Македонија кои се изјаснуваат како Бугари, да бидат внесени во Уставот, пишува „24 часа“.
По ваквите пишувања, се огласи и самиот пратеник.
„Објави насочени против мене и мојата фамилија – објава на „24 часа бг“. За минута преземена на страници кај нас-лаги, вести, дискредитации, стартуваат по нарачка, од ботови, скришни или бугарски страници, а потоа молневито се шират! Координирана и скапа акција! СДСМ сега да си го објасни соопштението полно со навреди, повикувајќи се на „жолти комбиња“ и параноја – додека реално, Македонија и македонските политичари кои ги штитат националните интереси се цел на синхронизиран напад. Ова не е параноја, туку организирана операција против секој што се бори за македонските интереси- СДС да одбере страна“, стои во објавата на Лефков.