Сè повеќе граѓани од јужниот дел на Србија добиваат бугарско државјанство, по примерот на илјадниците Македонци што тоа веќе го сториле во изминатите години. Според „Нишке вести“, на чија анализа се повикува агенцијата БГНЕС, бројката на српски државјани со бугарски пасоши се движи меѓу 5.000 и 8.000, а само во последните две години повеќе од 2.000 лица од Србија станале бугарски државјани.
Во текстот се наведува дека, иако бројките сè уште не се масовни, трендот е во постојан пораст, а Бугарија веќе не ги пресметува овие лица како Срби во своите статистики. „И, најважно: Бугарија повеќе не ги смета во статистиката како Срби“, стои во коментарот на порталот.
Како причина за загриженост, авторот посочува дека бугарската држава може еден ден официјално да го прогласи југот на Србија за „бугарски културен простор“ и да тврди дека таму живеат десетици илјади Бугари, што ќе го оправда со постоењето на документирани државјанства и идентитетски изјави.
„Истото веќе се случи – во Северна Македонија. Таму, над 120.000 граѓани добија бугарски пасоши. Нема медиумска возбуда. Нема скандали. Само редици пред конзулатот. Ова не е политичка завера, туку политичка расправија“, се вели во текстот.
БГНЕС потсетува дека Белград го користи терминот „Јужна Србија“ и кога се однесува на територијата на денешна Северна Македонија, алудирајќи на историските и политички претензии.
Авторот на анализата предупредува: „На прв поглед – легитимно право на секој граѓанин е да бара подобра можност. На втор поглед тоа е – аларм. Секоја земја треба да се запраша: што значи кога нејзините граѓани масовно добиваат државјанство на друга земја, но продолжуваат да живеат, работат и гласаат тука? Пасошот не е само средство за патување. Тој е основа на меѓународното право, идентитетот и потенцијалните територијални и културни претензии“.
„И најважно – тоа се информации што се внесуваат во официјалните регистри. Кога се случува криза, кога се дискутира за малцинствата во Советот на Европа, кога се подготвува нов буџет за прекугранична соработка – бројките стануваат алатки. Алатки на политиката. А, ние? Ние молчиме. Затоа што 'станува збор за работа'. Затоа што 'ништо нема да се случи'. Затоа што 'важно е да се оди некаде'. Забораваме дека историјата честопати не прашува како нешто започнало – туку кaде одвело“, пишува „Нишке вести“.
Во Србија, сè погласни се повиците за отворање јавна дебата за тоа што значи колективна промена на идентитетот без јавна расправа. Авторот заклучува:
„Ако го игнорираме ова, за 10, 20 или 30 години некој навистина може да каже: Таму живеат 50.000 Бугари. Ова е наша територија. Наш интерес. Наша историска одговорност. И нема да биде важно што биле Срби. Дека зборувале српски, живееле во Ниш. Она што ќе биде важно е што е напишано во пасошот. И колкумина од нас молчеле“.
Во текстот се додава и дека, иако Бугарија се радува на овие бројки и на уплатите поврзани со постапката за добивање државјанство, никој не зборува за можниот „бумеранг“ ефект – сценарио во кое овие новоосознаени Бугари би можеле да се самоорганизираат, да формираат политичка партија и да влијаат врз одлуките во Србија.