Бугарскиот европратеник, Андреј Ковачев, кој е дел од владејачката партија ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов, во интервју за порталот „МКД“ вели дека во Македонија живеат Македонци што го зборуваат македонскиот јазик и дека тоа е реалност. Ова е прва изјава од бугарски политичар во која отворено се признава постоењето македонски народ и македонски јазик.
Ковачев додава дека за земјава да влезе во ЕУ ќе мора да се решат историските прашања.
На прашањето, дали за него нема Македонци, туку само Бугари што живеат во државата Македонија, тој одговара:
„Не. Напротив. Ние сме браќа. Вие сте Македонец. Во Македонија живеат Македонци и го зборуваат македонскиот јазик. Тоа е реалноста. Тоа е современата реалност за која ви зборувам. Не можам и немам право да го спорам тоа што вие се чувствувате како Македонец. Но, во ЕУ ќе може да влезете само откако ќе ги решиме сите историски отворени прашања. Нема што да спориме за тоа кој бил Гоце Делчев, Даме Груев, Христо Татарчев… Вашиот современ македонски идентитет лежи на бугарската национална историја. Тоа мора да се реши. За тоа нема никакви дилеми меѓу бугарските политички партии, во бугарското општество воопшто. Затоа е многу битно заедничката експертска комисија што е можно побрзо да си ја заврши работата“, вели Ковачев.
Интервјуто на Ковачев доаѓа откако „МКД“ пред околу една недела објави делови од изјава на Бугарија во врска со заклучоците на Советот на ЕУ за почеток на преговори со Северна Македонија, за која порталот пишуваше дека бара: Македонија да заборави на постоењето на македонското малцинство во Бугарија, да заборави на „македoнски јазик“ и да употребува само „службен јазик на РСМ“, да ја заврши работата со експертската комисија за историските прашања… ако сака да продолжи со преговорите за интеграција со ЕУ.
Текстот во целост на: порталот „МКД“