Премиерот Димитар Ковачевски го осуди отворањето на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.
Го осудувам отворањето на тој културен центар со такво име, иако го имаат отворено граѓани на нашата држава. Сметам дека тоа е провокација, која никому не му носи добро. Сметам дека отворање културен центар треба да носи име на некој кој зближува, а не на некој кон кој граѓаните во оваа држава имаат негативни чувства, не само Македонците, туку доминанто и Евреите бидејќи знаеме што се има случено со еврејската заедница во нашата држава во Втората светска војна. Треба да се има почит од организаторите на тоа здружение, изјави Ковачевски во интервју на ТВ21.
Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека тој лично го осудува отворањето на клубот.
„Најсилно е правото на граѓанинот да го искаже тоа што го размислува. И јас лично осудувам отворање на таков клуб во Северна Македонија, посебно во Охрид. Зошто? Заради тоа што ние сме држава којашто е родена на придобивките од НОБ и тие придобивки ги чуваме и негуваме, а така ја чуваме и државата. Апсолутно јас и во идеолошка смисла сум следбеник на тие политики и сметам дека апсолутно не е прифатливо да биде промовиран начинот на однесување преку вакви ликови коишто биле дел од фашизмот“, посочува Спасовски во интервјуто за Макфакс.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ на Алсат-М Телевизија изјави дека отворањето на бугарскиот клуб на фашистичкиот окупатор Цар Борис е тешка провокација, тоа е последица на прифатените отстапки од оваа Влада
„Проблемот е што нас денеска од Охрид ни се случува типичен обид за асимилација, а тоа е Цар Борис Трети, културниот бугарски центар. Во Битола претходно ни се случи „Ванчо Михајлов“ се сеќавате тогаш имаше разни изјави од страна на Владата дека во Благоевград ќе никнел културен центар „Гоце Делчев“ или не знам како веќе се обидуваат да шпекулираат дека ќе има македонски културен центар, но од тоа ништо не се случи“, рече Мицкоски.
Бугарскиот клуб и покрај овие осуди продолжи да работи. Претседателот вели дека името му е дадено по бугарскиот цар, не му е спорно што соработувал со Хитлер.
До донесувањето на новиот Закон за здруженија и фондации, формиравме ад хок тело сакајќи на некој начин да го бајпасираме овој вакуум, што станува се понепријатен и мора како држава да бидеме подготвени за некакви идни потенцијални провокации, изјави денеска министерот за правда Никола Тупанчески.
Прашан дали ќе се дозволи отворање на нов бугарски Културен клуб во Охрид под името „Цар Борис“ без став од Советодавното тело за употреба на имиња на историски личности на здруженија, Тупанчевски рече дека најавите се такви, но дека, за жал, како Министерство за правда практично немаат никакви ингеренции, бидејќи тоа е владина комисија.
– Сведоци сте дека ја формиравме пред месец дена работната група или ад хок телото во рамките на Владата на Република Северна Македонија, која што треба како советодавно тело да дава сопствено мислење околу карактерот на историските личности коишто треба да бидат составен дел од името на некое здружение или фондација. Чув дека постои таква најава, Комисијата е формирана и на последната седница е разговарано околу некои технички аспекти и тоа не е Комисија во рамките на Министерството за правда, туку е тоа владина комисија. Јас верувам дека за кратко време ќе биде одржана нивната конститутивна седница, бидејќи имињата се познати и би требало таа комисија да почне со работа, односно да биде на ниво на задачата која што е поставена пред нив, изјави Тупанчевски.